Забраната е воведена пред 10 години, а целта била да се намали зависноста на децата од видео игрите. Се укинува со измена на Законот за заштита на младите, јавува јужнокорејската јавна телевизија КБС.
Укинувањето на забраната е планирано подолго време бидејќи имало се поголеми сомневања за нејзината ефикасност.
Забраната предизвикала и парадоксални ситуации. На пример, популарната игра за деца на возраст над седум години која поттикнува креативност, Мајнкрафт, била достапна само за возрасни.
Критичарите на забраната, исто така, тврдат дека ја демонизира „гејминг“ културата, а притоа не дава резултати во борбата против зависноста од игри.
Во последниве години, во Јужна Кореја, како и во многу други земји, има огромен пораст на популарноста на мобилните игри до кои младите можат да пристапат онлајн во ноќните часови.
Забраната била насочена кон деца помлади од 16 години на кои не им бил дозволен пристап до онлајн игрите помеѓу полноќ и шест часот наутро, додека на гејминг компаниите им се заканувале високи казни.
И покрај укинувањето на забраната, тоа не значи дека малолетните „гејмери“ се целосно слободни.
Со помош на таканаречениот систем „дозволен избор“, родителите и децата ќе можат сами да одредуваат колку и што ќе играат, а нивниот избор ќе го „благослови“ Фондацијата за гејминг култура која е поврзана со Министерството за култура.






