Така, видеоплатформа во сопственост на Гугл ги забрани тврдењата за опасностите или неефективноста на вакцините за болестите како што се малите сипаници, одобрени од регулаторите.
Покрај содржината, на таа видеоплатформа се забранети и каналите на истакнати противници на вакцинацијата, објави Вашингтон пост во средата, повикувајќи се на потпретседателот на Јутјуб за глобална доверба и безбедност, Мет Халприн.
Тој рече дека компанијата претходно не ја забранувала антиваксерската содржина затоа што била фокусирана на вакцините против ковид-19, објави Пост.
Халприн додаде дека Јутјуб по воведувањето на новите правила ќе продолжи да им дозволува на луѓето да зборуваат за своите лични искуства, како што се мајките да зборуваат за несаканите ефекти што нивното дете ги доживеало по примањето вакцина, како и научни дискусии за вакцините и за неуспешните вакцини во историјата на медицината.
Забранети се каналите на Роберт Ф. Кенеди Џуниор, внук на славниот претседател и истакнат противник на вакцинацијата, како и на Џозеп Меркол, исто така познат антиваксер.
Властите низ целиот свет ги критикуваа Јутјуб и социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер дека не направиле доволно за да го спречат ширењето лажни здравствени информации на своите страници, пишува Ројтерс.
Халприн во средата рече дека Јутјуб веќе избришал повеќе од 133.000 видеа за вакцинацијата, а неколку илјади луѓе биле ангажирани да ја модерираат содржината, заедно со алгоритми што препознаваат текст и слика.






