Во разговор за Си-ен-ен, Данон изрази сомнежи дека прекинот на огнот целосно ќе го запре конфликтот меѓу Израел и Хезболах, милитантната група поддржана од Иран што дејствува во Либан.
„Либанската влада нема контрола врз Хезболах“, рече Данон. „Хезболах испукува ракети и се обидува да го саботира прекинот на огнот. И Израел мора да одговори на тоа. Секој пат кога ќе видиме закана, дејствуваме.“
Одлуката за продолжување на примирјето, кое првично стапи на сила пред една недела, беше донесена на состанок на претставници на израелската и либанската влада во Белата куќа, на кој присуствуваше и Трамп. „Средбата помина многу добро!“, објави Трамп на социјалните мрежи. „Соединетите Американски Држави ќе соработуваат со Либан за да му помогнат да се заштити од Хезболах.“
Откако прекинот на огнот стапи на сила на 16 април, Израел и Хезболах се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот. Речиси 2.500 луѓе се убиени во Либан откако Израел започна офанзива на почетокот на март како одговор на нападите на Хезболах.
Израел во моментов окупира појас широк од пет до десет километри во јужен Либан. Причината што ја наведуваат е заштитата на северен Израел од идни напади од страна на Хезболах.






