На повик на водечките синдикати, демонстрантите изразија незадоволство од нестабилноста на турската лира и инфлацијата, која според официјалните податоци од ноември порасна на 21,3 отсто за една година.
Опозицијата и некои аналитичари ја доведуваат во прашање веродостојноста на официјалните податоци и го обвинуваат Националниот завод за статистика (ТУИК) дека ги потценува вистинските бројки.
Вистинската годишна инфлација изнесува повеќе од 58 отсто, стои во студијата на ЕНАГ (Група за истражување на инфлацијата) во која се независни економисти.
Сликата ја прави уште помрачна турската лира која од почетокот на годината изгуби над 45 отсто од вредноста во однос на доларот и речиси 30 отсто од октомври.
„Секој ден стануваме сè посиромашни, но сè е во ред, велат господата што ја водат земјата. А ние велиме дека веќе не можеме да ги задоволи нашите потреби; ТУИК вели дека инфлацијата е само 21 процент (…) Не ги потценувајте умовите на работничката класа“, рече Арзу Черкезоглу, претседателка на ДИСК (Конфедерација на револуционерни работнички синдикати) во говорот пред насобраните.
„Веќе не можеме да споиме крај со крај (…) не можеме да се извлечеме од тоа“, рече Сибел Чилик, работничка во фабрика за автомобили.
Демонстрантите бараат зголемување на минималната нето плата, која сега изнесува 2.825 лири (179 евра) на 5.200 лири (331 евро).
Демонстрантите извикуваа и пароли барајќи оставка од владата.
„Власта мора да си замине бидејќи за да си ги наполни своите џебови, ги празни нашите. Затоа сме на улица, да им кажеме: Доста беше!“ изјави Фатма, вработена во градската општина.






