Истакна дека Курти треба задолжително да бара вклучување на Соединетите Американски Држави, пренесуваат приштинските медиуми.
„Курти не сакаше да излезе од „комфорната зона“ и отиде да разговара само со Лајчак и Борел и на крајот дојде во конфликт и со нив“, кажа Харадинај во емисијата Рубикон на телевизијата Клан Косова.
Истакна дека неколку пати, јавно и во пишана форма, инсистирал на вклучување на претседателот на САД не во дијалогот, туку во прашањето на конечен договор на Белград и Приштина и тоа во рамки на постоечките правно обврзувачки граници за меѓусебно признавање.
Харадинај кажа дека истото го барал и од претседателката Вјоса Османи и сè уште очекува одговор од неа и од Курти.
Тој им порача на претседателката и премиерот да „заборават“ на Заедницата на српски општини и да вршат притисок да се постигне конечен договор во дијалогот со Србија.
Истакна дека Курти и неговите колеги знаат колку е ангажиран на темите кои се од интерес на Косово и дека не разбира зошто Курти се плаши и ги избегнува САД.
„Не го разбирам стравот и бегството од Америка. Кога Трамп беше претседател, се плашеше, денес е Бајден, што тогаш чекате? Кој би бил подобредојден од Бајден: Упорниот поддржувач на албанските интереси на Балканот. Го познава Балканот, нè познава нас лично, на пример ме познава мене лично. Не е малку. Не го разбирам бегањето од Америка. И не го разбирам молчењето на Османи“, заклучи Харадинај.






