Ѓукановиќ во Словенија, каде што се одржува самитот Европска Унија-Западен Балкан, одговараше на наводите на меѓународните истражувачи за случајот Пандорини документи.
„На оваа тема не би имал ништо ново да кажам, во однос на тоа што им го кажав на тимот истражувачки новинари што се занимаваше со оваа тема, и на тоа што беше соопштение на мојот кабинет откако беше лансирана оваа, уште една во низата афери. Според мене, станува збор за уште една конструкција, уште една исконструирана афера, која треба да послужи за домашните политички потреби и која сигурно, мошне брзо, ќе води до уривање на авторитетот на нејзините автори и ќе води до нивна целосна компромитација“, рече Ѓукановиќ во Крањ.
Тој додаде дека своите законски постапки не ги поврзува со државните функции.
„Се однесувам како човек што веќе го носи товарот на околноста што со години вршев одговорни државни функции и дека морам да го штитам не само својот углед, туку и авторитетот на функциите што ги вршев и што ги вршам, како и угледот на државата на чие чело се наоѓам“, кажа Ѓукановиќ.
Тој истакна дека спорната регистрирана фирма нема отворено ни банкарска сметка.
„Со самото тоа таа не можела ништо да направи и мошне брзо по формирањето е изгасена. Многу е важно сите да разбереме дека и кога сме на функција и кога не сме, сѐ што правиме да правиме законски и според строгите стандарди на моралот што го афирмираме и кон кој мора да се придржуваме. Ниту јас ниту син ми никогаш не сме направиле и нема да направиме ништо на штета на државата Црна Гора, за разлика од тие што се обидуваат да лансираат афера и кои се обидуваат, без аргументи, да ме стават на столбот на срамот“, рече Ѓукановиќ.
Тој истакна и дека својот однос спрема државата го покажал во „долгите години борба за неа и за изградба на институциите“.






