недела, 3 мај 2026

Грција исплашена поради порастот на бројот на заразените со корона

Објавено на

часот

Сподели

Во Грција се вакцинирани 60 отсто од граѓаните, попрецизно, четворица од десет Грци не се имунизирани. Во последно време умираат млади луѓе на возраст од 19 до 35 години, досега 120 од нив ја изгубија битката против ковид-19.

„Црна дупка”, како што велат епидемиолозите, претставува северот на земјата, каде што во „темноцрвената” зона се осум области, додека 16 се во „црвената”. Таму вакцина не примиле повеќе од 50 отсто лица и поради порастот на бројот на заразените се отвораат нови одделенија за интензивна терапија. Тоа се региони што во текот на летото неколку пати влегуваа во миникарантин, што значи дека од полноќ до утрото беше во сила полициски час, со забрана на собирање, жива музика и играње, и каде што во сите објекти беа задолжителни маските.

Бројот на заразените во Грција повторно почна да расте и се доближува до цифрата од 4.000 дневно, што предизвикува притисок на здравствениот систем. Епидемиолозите предупредуваат дека со првите зимски денови состојбата би можела битно да се влоши, па министерот за здравство Танос Плеврис најавува дека првпат заразените без одлагање ќе бидат примани и во приватните болници, што досега не беше општоприфатена практика. Тој нагласува дека за вакцинираните не се планира воведување нови мерки на забрана, зашто и без тоа обврската за носење маски и за нив остана во сила кога станува збор за затворен простор, спортски настани, театри и кина.

Дневно се вакцинираат 6.500 Грци, но потребно е тоа да го направат уште вкупно еден милион за да ги стигне Грција другите европски земји. Како што вели професорот на пулмологија Теодорос Василакопулос, „или ќе се вакцинираме, или ќе мораме да се согласиме на природна селекција, што значи дека короната ќе ја преживеат најсилните.”

Владата на Мицотакис сериозно размислува за дополнително заострување на мерките токму за невакцинираните, кои сега мораат најмалку двапати неделно да се тестираат на свој трошок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ