По состанокот во Катар, заменик -шефот на талибанското политичко крило Шер Мохамед Абас Станекзаи „ми даде гаранција дека Авганистанците со валидни документи сепак ќе можат да отпатуваат со комерцијални летови по 31 август“, напиша на Твитер Маркус Поцел, специјален германски пратеник за Авганистан, кој преговараше со талибанците во Доха.
„Разговаравме за итна потреба од функционален аеродром во Кабул како предуслов за дипломатско присуство и работа на невладините организации во Авганистан“, рече Поцел, кој и претходно преговараше со талибанците.
Талибанците претходно отфрлија какво било продолжување на рокот за заминување на странските војници, нарекувајќи го тоа „црвена линија“.
Соочен со ултиматумот на талибанците, американскиот претседател Џо Бајден во вторникот рече дека САД ќе се држат до 31 август како краен рок за целосно повлекување на војската, и покрај предупредувањата од европските сојузници дека до тој рок нема да можат да заминат сите загрозени Авганистанци.






