„Сојузната влада силно ја повикува руската влада веднаш да ги прекине овие неприфатливи сајбер активности“, рече во понеделникот портпаролката на германското министерство за надворешни работи.
Таа посочи дека германската влада има веродостојни информации дека овие активности може да ѝ се припишат на Русија како држава и на воената разузнавачка агенција ГРУ, пренесува Ројтерс. Дел од нападот ѝ се припишува на руската група Гоустрајтер.
Портпаролката додаде дека Министерството за надворешни работи минатата недела директно од руското министерство побара да ги прекине тие активности.
Германските безбедносни агенции најмалку трипати годинава ги предупредија парламентарците за странски сајбер напади, пишува германската агенција дпа.
Неодамна беа нападнати претставници од партиите што ја сочинуваат владејачката коалиција – Христијанско-демократската унија и Христијанско социјалната унија како и социјалдемократите.
Германските власти предупредија дека целта на нападот е објавување лични информации на пратениците и ширење лажни вести.
Германците кон крајот на септември ќе гласаат за наследник на канцеларката Ангела Меркел, а Политико пишува дека воочи парламентарните избори, РТ Дојч, руски медиум во Германија поддржан од Кремљ, шири теории на заговор за вакцините и ги фаворизира кандидатите на крајно десната Алтернатива за Германија (АФД).






