среда, 22 април 2026

Гардијан: Документи на Кремљ се чини покажуваат дека Путин го внел Трамп во Белата куќа

Објавено на

часот

Сподели

Цитирајќи протечени документи од Кремљ, Гардијан наведува дека акцијата била одобрена на затворен состанок на рускиот Совет за национална безбедност.

Во документите стои дека состанокот бил одржан на 22 јануари 2016 година, а покрај Путин, присуствувале и шефовите на разузнавачките агенции и министрите во владата.

Тие се согласиле дека Трамп во Белата куќа ќе помогне да се осигурат стратегиските цели на Москва, меѓу кои и „социјални немири“ во САД, како и отежнување на преговарачката позиција на американскиот претседател.

Три шпионски агенции на Русија добиле наредба со потпис на Путин да најдат практични начини за поддршка на Трамп.

До тоа време Трамп веќе бил фаворит во номинациската трка на Републиканската партија.

Извештајот подготвен од експертскиот оддел на Путин препорачува Москва да ја употреби „сета можна сила“ за да обезбеди победа на Трамп.

Гардијан имал ексклузивен увид во овие документи, за кои вели дека се сериозен и мошне невообичаен случај на „протекување“ доверливи документи од инаку строго чуваниот Кремљ.

Западните разузнавачки служби веќе повеќе месеци знаат за овие документи и внимателно ги анализираат, вели Гардијан и наведува дека им ги покажал документите и на независни експерти, кои рекле дека се чинат автентични.

Претставници на Кремљ остро ги негираат обвинувањата. Портпаролот на канцеларијата на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека идејата дека руските лидери се состанале за да го поддржат Трамп е дело на „петпарачка литература“.

Извештајот, регистриран како „Број 32-04вд“, се води како таен.

Документот содржи и краток психолошки профил на Трамп, во кој поранешниот претседател на САД се карактеризира како „импулсивна, ментално нестабилна и неурамнотежена личност што страда од комплекс на инфериорност“.

Во документите се наведува и дека Кремљ поседува „компромат“, односно потенцијално компромитирачки материјали за идниот претседател на САД, кои биле собрани за време на претходните неофицијални посети на Трамп во Руската Федерација. Тоа се однесува на „одредени настани“ што се случиле за време на патувањата на Трамп во Москва. Членовите на советот за безбедност биле повикани да најдат детали во додатокот пет, во став пет, се наведува во документот. Не се знае што содржи тој додаток, вели Гардијан.

„Итно е потребно да се искористат сите можни сили за да се олесни неговиот (на Трамп) избор на функцијата претседател на САД“, пишува во документот.

Ова би помогнало да се оствари посакуваното „теоретско политичко сценарио“ на Русија. Победата на Трамп „дефинитивно ќе доведе до дестабилизација на социополитичкиот систем на САД“ и скриеното незадоволство отворено да експлодира, се предвидува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ