Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна во Париз со високи француски функционери за да ги поправи односите откако воениот пакт Аукус меѓу Вашингтон, Австралија и Британија резултираше со тоа Австралија да го раскине договорот за набавка на француски подморници.
Франција ги обвини своите сојузници дека ѝ забиле нож во грбот, па дури и дека американскиот претседател Џо Бајден се однесува како неговиот претходник Доналд Трамп.
Зборувајќи пред француските парламентарци, Ле Дријан кажа дека одржал искрени и конструктивни разговори со Блинкен.
„Кризата е сериозна, не е решена и затоа го продолжуваме дијалогот, и ќе трае. За да излеземе од неа ќе бидат потребни дела, а не зборови“, кажа тој.
Пред да замине од Париз Блинкен разговорите, во рамки на кои се сретна и со францускиот претседател Емануел Макрон, ги опиша како „многу позитивни, многу продуктивни“.
Француските власти истакнаа дека Аукус бил повик за будење за европските држави и дека на кризата меѓу Париз и Вашингтон треба да се одговори со тоа што ќе заврши наивноста на ЕУ околу прашањето на одбраната на сопствените интереси и изградба на сопствени воени капацитетите во рамки на НАТО.
Ле Дријан кажа дека двете страни работат на постигнување резултат до крајот на октомври кога Бајден и Макрон треба да се сретнат на самитот на лидерите на земјите од Г20 во Рим. А треба да разговараат и пред тоа.






