„Сакаме во планот за закрепнување и отпорност да вклучиме јасна обврска за распуштање на Дисциплинскиот совет, реформа или напуштање на дисциплинскиот режим и започнување на процесот за повторно назначување судии“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.
ЕК со месеци одбиваше да даде позитивна оценка за националниот план за закрепнување и отпорност на Полска и Унгарија, клучен чекор во одобрувањето на европските фондови за закрепнување на економијата од ефектите од пандемијата на коронавирус.
„Мислам дека тоа е изводливо и се надевам дека ќе постигнеме договор“, рече Фон дер Лајен.
Полска е во долгогодишен спор со Брисел поради судските реформи кои, според нивно мислење, ја поткопуваат независноста на судовите. Во средата, Судот на ЕУ ѝ наложи на Полска да плаќа парична казна од еден милион евра дневно поради тоа што не го суспендираше Дисциплинскиот совет на Врховниот суд.
Во 2017 година, Полска усвои нови правила за дисциплинска постапка за судиите на Врховниот суд и редовните судови, вклучувајќи го и формирањето на Дисциплински совет задолжен за дисциплинска постапка против судии на Врховниот суд и за жалбени постапки против судии на редовните судови.
Судот на правдата одлучи дека тоа не е независно и непристрасно тело и е спротивно на правото на ЕУ.
Полска не ја спроведе привремената мерка издадена од Судот на ЕУ во јули годинава за итно суспендирање на активностите на Дисциплинскиот совет. Затоа ѝ е одредена казна еден милион евра дневно додека не ја спроведе таа одлука. Доколку Полска одбие да ја плати казната, ЕУ може да ја задржи таа сума при исплата од европскиот буџет.






