На овогодишниот конкурс беа поднесени вкупно 34 апликации, од кои, по спроведена евалуација, поддршка добија 20 проекти. За оваа намена, Агенцијата за филм обезбеди вкупен буџет од 35 милиони денари, што претставува зголемување во однос на претходната година, кога беа издвоени 28 милиони денари.
Дополнително, за првпат беше воведен модел на презентација (пичинг) на проектите, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите концепти и програмски насоки пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и квалитет во одлучувањето.
Финансиската поддршка од Агенцијата изнесува до 70% од вкупниот буџет на секој поединечен проект, а при изборот приоритет имаа фестивали со докажан континуитет и квалитет, како и нови, иновативни концепти со едукативна вредност и јасна меѓународна ориентација.
Со оваа поддршка, продолжуваме да ги зајакнуваме домашните фестивали и филмски манифестации кои имаат значајна улога во промоцијата и позиционирањето на македонската кинематографија на европската и светската културна сцена, соопшти Агенцијата за филм.






