понеделник, 4 мај 2026

Висока делегација на САД во работна посета на „Алкалоид“

Како дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД, насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан, висока делегација составена од претставници на Владата на САД, партнерски организации и од институции оствари работна посета на „Алкалоид“ АД во Скопје.

 

Објавено на

часот

Сподели

Ентони Рандацо, извршен директор во Канцеларијата за здравство и агробизнис при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), придружуван од претставници на Амбасадата на САД во Скопје ‒ Барнабас Беркеланд, економски офицер, шеф на економскиот оддел, и Розита Мреношки, политичко-економска асистентка ‒ како и од Јелена Арсовска, извршна директорка на Американската стопанска комора во РСМ, ги обиколи производствените капацитети на компанијата, Институтот за истражување и развој и Музејот на „Алкалоид“ во рамки на работната посета на „Алкалоид“ АД Скопје.

Домаќин на делегацијата беше генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој истакна дека компанијата повеќе од шест децении гради успешна соработка со водечки американски фармацевтски компании, а од почетокот на 2000-тите години развива партнерства со американски мултинационални брендови, како Aveda, Arbonne International и Swanson, снабдувајќи ги со премиум билни производи.

„Посетата на делегацијата од САД претставува значајна потврда за квалитетот и за конкурентноста на ‘Алкалоид’, како и за нашата долгорочна ориентација кон нови деловни релации. Тековната соработка со водечките американски компании во фармацевтскиот сектор, како Medtronic, MSD и други, како и со мултинационални брендови од САД во сегментот билкарство, е од особена важност за ‘Алкалоид’ со оглед на фактот дека станува збор за исклучително голем и конкурентен пазар, којшто се одликува со строго регулирани правила и со високи стандарди во поглед на квалитетот и на целосната усогласеност со регулаторните барања“, нагласи Мукаетов.

Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (U.S. International Development Finance Corporation/DFC) е развојна финансиска институција на Владата на САД со капацитет за заеми од 205 милијарди долари и со портфолио од над 40 милијарди долари во повеќе од 100 пазари во развој, вклучително и со 8,4 милијарди долари активна изложеност во Европа и во Централна Азија. Институцијата нуди финансиски инструменти, како долгорочни заеми и гаранции, сопственички вложувања и осигурување од политички ризици, со фокус на сектори како критични минерали, модерна инфраструктура, енергија, здравствени услуги и технологија, безбедност на храна и агробизнис.

Ентони Рандацо e извршен директор за импакт-финансии при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), директно задолжен за секторите здравство и агробизнис, со фокус на зајакнување на здравствените системи и на развој на одржливо земјоделство.

Посетата е дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан.

Живко Мукаетов е член на Одборот на директори на македонската подружница на Американската стопанска комора од ноември 2023 година, каде што, во рамки на својот втор мандат, ја извршува функцијата прв потпретседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ