Нејзината реакција следи по ненадејната закана на американскиот претседател од минатата недела дека ќе ги зголеми царините од 15 на 25 проценти, тврдејќи дека ЕУ не се придржува до постојниот договор, пишува Јуроњуз.
„Договорот е договор и ние го имаме. Неговата суштина е просперитет, заеднички правила и сигурност“, изјави фон дер Лаен во Ерменија во вторник. „Со овој договор сакаме да постигнеме взаемна корист, соработка и сигурност. Подготвени сме за секакво сценарио“, додаде таа, алудирајќи на можна одмазда.
Претседателката на Комисијата, која е одговорна за трговската политика, објасни дека Унијата е во „последната фаза“ на спроведување на дел од трговскиот договор со САД што треба да ги елиминира царините за низа американски производи.
Законодавниот предлог моментално е во Европскиот парламент, каде што неговата обработка претходно беше одложена поради напорите на Трамп да го преземе Гренланд од Данска. Во меѓувреме, пратениците го изменија оригиналниот текст за да ги зајакнат заштитните механизми.
Според заедничката изјава од Брисел и Вашингтон минатата година, САД требало да ги намалат царините за автомобили од ЕУ штом законскиот предлог ќе се воведел во процедура, а не откако конечно ќе биде усвоен. Во исто време, САД се обврзаа на вкупна царинска стапка од не повеќе од 15 проценти за стоки од ЕУ, што спречува воведување дополнителни царини.
„Договорената горна граница сè уште не се почитува“, рече фон дер Лаен, повикувајќи на почитување на „различните демократски процеси“.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој зборуваше заедно со неа, нагласи дека 27-те земји-членки „целосно“ ја поддржуваат работата на Комисијата и нејзината претседателка. Откако Трамп ја упати заканата во петокот, Брисел бара од Вашингтон да ги „разјасни“ причините за таквиот потег, а воедно јасно стави до знаење дека е подготвен да одговори.
Се очекува европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ подоцна во вторник да се сретне со американскиот трговски претставник Џејмисон Ли Грир за да разговараат за ова прашање. Средбата треба да се одржи на маргините на самитот на Г7 во Париз.
Соопштението на Трамп се поврзува со неодамнешните забелешки на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој рече дека Иран ги „понижил“ САД во војната. Германија е најголемиот производител на автомобили во Европа и е во голема мера зависна од извозот. Мерц негираше каква било поврзаност помеѓу неговите изјави и најавените царини од 25 проценти.






