Интерната платформа, позната како ЕПГенАИ Хаб, ќе им овозможи на пратениците и вработените пристап до моделите на компаниите Мета, ОпенАИ, Антропик и францускиот Мистрал. Парламентот се надева дека ова ќе биде побезбедна алтернатива на јавните ВИ-алатки кои веќе се користат во законодавната работа. Платформата моментално е во тест-фаза, а нејзиното воведување би можело да започне веќе во септември, потврдија двајца анонимни извори запознаени со плановите.
Овие планови доаѓаат во време на сè поголема загриженост во институцијата поради ширењето на содржини генерирани со вештачка интелигенција. На состанокот одржан на почетокот на јули, повеќе претседатели на комисии изразиле загриженост затоа што сè повеќе пратеници и асистенти користат ВИ за пишување амандмани и други законодавни документи. Ова го потврдија три извори запознаени со дискусиите.
„Парламентот не е имун на неквалитетни содржини на ВИ и материјали што ги генерира кои водат во заблуда“, изјави Брандо Бенифеи, европратеник од редовите на социјалисти и демократи кој ја водеше работата на Актот за вештачка интелигенција, клучен закон на ЕУ за регулација на оваа технологија.
„Пратениците мора да бидат пример за другите, особено сега кога правилата за транспарентност од Актот за ВИ стануваат задолжителни.“
Проектот ја отсликува дилемата со која се соочува Парламентот во време кога генеративната вештачка интелигенција станува дел од секојдневието. Се проценува дека околу 2.100 луѓе, односно приближно 20 проценти од сите вработени во Парламентот, секојдневно користат ВИ.
Раководството на институцијата сака службениците да престанат да внесуваат парламентарни материјали во неконтролирани јавни платформи. Истовремено, постои страв дека технологијата го нарушува квалитетот на законодавната работа и внесува грешки или неточни содржини во демократскиот процес.
Сомнежите дека пратениците и асистентите веќе во голема мера се потпираат на ВИ произлегуваат од наглото зголемување на бројот на амандмани што треба да се преведуваат, препознатливиот стил на пишување и повремените повикувања на закони кои воопшто не постојат.
Претседателите на комисиите побарале од генералниот секретар на Европскиот парламент, Алесандро Кјокети, да изготви насоки за користење на вештачката интелигенција. Тој одговорил дека ова прашање би можело да му биде доверено на Комитетот за уставни прашања, кој треба да го измени Деловникот на Парламентот и да воведе построги правила.
Во моментов европратениците немаат обврска да откријат дали амандманите, прашањата или другите документи се изработени со помош на вештачка интелигенција.
Бери Ендрјус, ирски европратеник од групата Ренју, кој претседава со Комитетот за развој, изјави дека веќе е очигледно дека дел од пратениците користат ВИ за пишување прашања, говори и амандмани.
„Тоа е нивен избор и целосно го разбирам со оглед на обемот на работа“, рече Ендрјус. „Но сметам дека тоа се клучни демократски функции за кои граѓаните нè избрале.“
Вработените во Европскиот парламент веќе подлежат на посебни интерни насоки за користење на ВИ, во кои увид имал Политико. Правилата, донесени во април 2024 година, веќе се ревидираат.
Тие налагаат содржините создадени со помош на ВИ да бидат означени со напомена „со помош на ВИ“, а истовремено забрануваат внесување чувствителни информации во јавни системи на генеративна ВИ.
Во насоките се предупредува и дека неточностите што ги создава технологијата можат да доведат до создавање или ширење дезинформации, како и материјали кои погрешно ја претставуваат работата на Парламентот.
ЕПГенАи Хаб веќе им е претставен на пратениците и вработените преку работилници. На една од нив, одржана неодамна, во електронска порака во која увид имал Политико, било најавено прикажување на „практични, секојдневни примени што ќе ви помогнат да работите попаметно и побрзо“.
Бета-верзијата, која ја тестирал Политико, им овозможува на корисниците да избираат меѓу модели што работат безбедно во рамките на инфраструктурата на Европскиот парламент и помоќни услуги што функционираат на надворешни сервери.
Локалните опции ги вклучуваат Лама на Мета, ГПТ-ОСС на ОпенАИ и Мистрал смол, додека корисниците можат да пристапат и до надворешни модели како ЧетГПТ на ОпенАИ и Клауд сонет на Антропик.
Со овој потег институцијата дополнително се отвора кон американските компании на ВИ, иако Брисел истовремено се обидува да ја намали зависноста на Европската Унија од американската технологија.
Тоа не е целосно во согласност со напорите на Парламентот за поголем дигитален суверенитет. Во последните месеци институцијата го замени Гугл со францускиот пребарувач Квант, а исто така ги оневозможи вградените функции на ВИ на таблетите на европратениците поради безбедносни причини и заштита на личните податоци.
Од службата за односи со јавноста на Европскиот парламент соопштија дека изборот на ВИ-модели може да се промени во наредните месеци.
„Понудата на модели се ревидира, при што особено се зема предвид достапноста на модели со отворен код и европски суверени модели од даватели на услуги во облак со кои Европската комисија неодамна склучи договори“, соопштија од службата.





