Мисијата на обука на Европската Унија во ЦАР (ЕУТМ РЦА) вели дека советувала, едуцирала и обучила над 3.400 припадници на припадниците на воените сили на ЦАР од 2016 година во текот на нивната борба да ја стабилизираат земјата соочена со повеќе бунтови.
Нејзината работа ја комплицира присуството на стотина руски оперативци, од кои многумина ѝ припаѓаат на руската приватна воена Вагнер група, која пристигнала во 2018 и работи во тесна координација со војската на ЦАР.
„Би ни биле потребни гаранции дека платениците на Вагнер не ангажираат војници кои ги обучува ЕУТМ во своите операции. Во моментов немаме одговор“, изјави портпаролот на воената мисија на ЕУ.
Тој додаде дека ЕУТМ ќе продолжи да ги советува силите на ЦАР.
Експерти на Обединетите нации велат дека припадниците на Вагнер во ЦАР вршат кршење на човековите права, вклучувајќи егзекуции по случаен избор, произволен притвор и тортура.
ЕУ на Вагнер групата ѝ воведе санкции во понеделникот, обвинувајќи ја дека спроведува тајни операции за руската влада.
Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека Вагнер не ја претставува руската држава ниту таа ја плаќа. Тој кажа и дека приватните воени платеници имаат право да работат секаде во светот сè додека не ги кршат руските закони.
Руското министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека санкциите на ЕУ се дел од „западната хистерија“ и дека тие не ја поткопуваат независноста на африканските и блискоисточните држави, пренесува Москоу тајмс.
„Хистеријата на Западот околу оваа тема ја покажува, пред сè, љубомората на некои европски градови и држави кон Африка и Блискиот Исток, чии суверенитет и независност беа приморани да ги признаат“, се наведува во соопштението на руската дипломатија.
Европската Унија ја вознемириле извештаите дека силите на Вагнер би можеле да бидат распоредени во Мали, за да ѝ помогнат на тамошната влада во борбата против исламистичките милитанти поврзани со Ал каеда и Исламска држава, јавува Ројтерс.
Франција, поранешна колонијална сила во ЦАР и Мали, има долгогодишни воени врски низ франкофона Африка. Аналитичарите го гледаат распоредувањето на Вагнер како дел од руската стратегија која е делумно насочена кон поткопување на тие врски.
Властите на Мали одбија посебно да ги коментираат извештаите за Вагнер групата, само соопштија дека имаат право да соработуваат со кој било безбедносен партнер кој ќе го одберат.






