Гугл спаѓа меѓу водечките компании во светот во секторот на интернет огласувањето, а пружа и услуги за посредување во огласувањето, особено преку сервисот Дисплеј нетворк.
„Гугл собира податоци кои потоа се користат за таргетирано огласување, продава огласен простор и пружа услуги на посредување во огласувањето“, ги објасни на конференција за новинарите причините за отворање на истрагата потпретседателката на ЕК Маргрете Вестагер.
„Тоа значи дека Гугл е присутен на речиси сите нивоа на синџирот на снабдување преку интернет огласувањето. Нè загрижува тоа што Гугл со конкурентските услуги за интернет огласување ја отежнува конкуренцијата во целиот комплекс на огласувањето“, додаде европската функционерка.
Брисел сака со истрагата да утврди дали американски софтверски џин ги фаворизирал сопствените услуги на интернет огласување и со тоа ги прекршил европските прописи за пазарна конкуренција.
Истрагата треба да покаже како на пазарот влијаело барањето на Гугл од клиентите на пласирањето на огласите, на пример на Јутјуб, да го користат неговиот сервис Дисплеј енд видео 360 и Гугл едс, и дали им го ограничува на другите компании пристапот до корисничките податоци кои се користат за огласување.
„Услугите на интернет огласувањето се клучниот инструмент преку кој Гугл и издавачите ги наплаќаат своите интернет услуги“, истакна во соопштението објавено вчера Вестагер.
Секторот на интернет огласување силно се разви за да ја искористи сеприсутноста на паметните телефони и компјутерите во секојдневниот живот. Во Европа ги користат милиони луѓе, а издавачите со интернет огласите се обидуваат да ги надоместат приходите изгубени со бесплатното објавување содржини.
ЕК истакна дека само во 2019 година за огласување на интернет се издвоени 20 милијарди долари.






