Ерменија има една од најниските стапки на вакцинација во Кавкаскиот регион, а новиот закон доаѓа по августовската наредба на министерството за здравство дека вработените секои две недели мора на работодавците да им доставуваат доказ за вакцинација или негативен ПЦР тест за да не бидат казнети.
Владата денес наведе дека работодавецот, кога работникот нема да приложи потврда за вакцинација или негативен резултат на тест, има право да го отстрани од работното место, да му ја суспендира платата, и да го отпушти, ако од работа од таа причина отсуствувал десет работни дена.
Новиот закон не се однесува на претседателот на државата, премиерот, членовите на парламентот, омбудсманот, судиите на уставниот суд и бројни други функционери.
Ерменија почна кампања на масовна вакцинација во април, а властите планираа да вакцинираат 700.000 од 2,9 милиони жители до крајот на годината.
Меѓутоа, до 6 декември целосно вакцинирани беа 516.989 граѓани.






