„Развиените земји мора да бидат значително повнимателни кога напуштаат одреден регион. Тоа не беше така со Авганистан и со тоа се отвора простор за терористичките групи“, кажа Ердоган во Сараево на заедничката конференција за медиуми со тројцата членови на Претседателството.
Додаде дека со повлекувањето од Авганистан не исчезнал интересот за таа држава, дотолку повеќе што таму сега се создава нова терористичка закана. Според него, треба да се остави простор за соработка со талибанците, кои се поинакви отколку пред две децении.
„Денешните талибанци не се оние старите. Не е важно кој што зборува, туку кој што прави. Важно е што прават талибанците сега, а не што правеле во минатото“, кажа Ердоган. Додик повлече паралела меѓу Авганистан и Босна и Херцеговина, алудирајќи на тоа дека меѓународните претставници би требало да се повлечат и од таа земја.
„На соработката со Ердоган ѝ веруваме повеќе отколку на обидите тука да се наметнат некои пропаднати решенија“, кажа Додик.
Турскиот претседател престојува во посета на БиХ каде, како што кажа, се чувствува како дома и граѓаните на таа држава ги нарече браќа и сестри. По средбата со државниот врв кажа дека во фокусот било јакнењето на политичките и економските врски и состојбата во регионот.
„Ја потврдивме поддршката на интеграцијата на БиХ во евроатлантската заедница“, кажа Ердоган, но избегна да одговара на прашањата на новинарите за внатрешните политички проблеми во таа земја. А нив повторно ги потврдија тројцата членови на државниот врв кои на прес-конференција повторно се препираа.






