Папуа Нова Гвинеја е најблискиот сосед на Австралија, а нејзината најблиска точка е на само 4 километри од австралиската територија.
„Загрижен сум што Папуа Нова Гвинеја е следното место каде што може да се појави нов сој. Помалку од 5 отсто од возрасната популација е вакцинирана, а во соседна Индонезија нешто помалку од две третини. Две земји на нашиот праг се соочуваат со значителни предизвици во однос на снабдување со вакцини“, рече Адријан Проус, раководител на меѓународните хуманитарни програми во австралискиот Црвен крст.
Стефани Вачер, епидемиолог од Институтот Бурнет, од минатата година е во Папуа Нова Гвинеја и изрази слично мислење.
„Кај популациите со ниска стапка на покриеност со вакцинација, има поголеми можности вирусот да се шири и мутира. Во Папуа Нова Гвинеја, каде што помалку од 4 отсто од населението е вакцинирано, има многу можности вирусот да се шири и да мутира“, рече Вачер.
Таа додаде дека австралиската влада треба да биде загрижена поради ширењето на коронавирусот во Папуа Нова Гвинеја – не само зашто тоа би можело да има значење за Австралија.
„Мислам дека не треба да е важно во која земја ќе се појави некоја варијанта за светот да се загрижи. Земјите имаат одговорност да размислуваат глобално, а пандемијата откри колку сме меѓусебно поврзани. Луѓето страдаат во која било земја и нивните животи се исто толку важни како на сите други“, рече таа.
Официјалниот број на смртни случаи од вирусот е 573, со околу 35.000 случаи, но вистинскиот размер на епидемијата е тешко да се дефинира поради ниските стапки на тестирање и стигмата за болеста. Извештаите покажуваат дека луѓето бараат од лекарите да не го ставаат ковид-19 како причина за смрт во посмртницата на нивните најблиски.
Вачер рече дека студијата спроведена во Папуа Нова Гвинеја околу март 2021 година, пред големиот бран на вирусот, што покажува дека 24 отсто од здравствените работници во општата болница во Порт Морсби веќе имале антитела за ковид-19, укажува на тоа колку бил раширен и неоткриен преносот на ковид.
Здравствениот систем на Папуа Нова Гвинеја, кој веќе е преоптоварен, е под уште поголем притисок поради пандемијата.
„Папуа Нова Гвинеја моментално се соочува со пораст на заразените со делта сојот. Кога имате кревок здравствен систем, лош пристап до санитарни јазли и чиста вода, јасно е дека ќе дојде до зголемување на хоспитализациите и смртните случаи. Видовме како големите болници го намалуваат опсегот на својата работа. Она што загрижува е што гледаме зголемување на проблемите поврзани со маларија, туберкулоза и други болести, а има и влошување на здравјето на мајките и доенчињата“, рече Проус, а Вачер вели дека смртноста на мајките е двојно зголемена во изминатата година.
„Да, ковид ги погодува и трудниците, но не смееме да заборавиме на фактот дека болниците се затворени, здравствените работници не работат затоа што се заразени, а луѓето се плашат да дојдат во болница на прегледи“, рече Вачер.
Папуа Нова Гвинеја се соочува со проблеми околу вакцините – достапност на фрижидери, но и комуникација околу вакцината и неодлучноста.
И двајцата експерти велат дека австралиските пораки околу Астразенека на почетокот на оваа година не им помогнале на луѓето во Папуа Нова Гвинеја да стекнат доверба во безбедноста на вакцините.
Австралиската влада донирала десетици илјади дози од вакцината Астразенека на Папуа Нова Гвинеја во исто време кога препорачувала Австралијците помлади од 60 години да не ја примаат вакцината поради многу нискиот ризик од згрутчување на крвта.
„Постојат сериозни проблеми со неодлучноста за вакцините – луѓето едноставно не се подготвени да се вакцинираат поради мноштво причини: загриженост за вакцината, загриженост околу стигматизацијата… Ова се проблеми кои навистина ја ставаат Австралија во опасност следната варијанта да се најде на нашиот праг“, рече Проус за Гардијан.






