четврток, 7 мај 2026

Два сателити на Маск за малку ќе се судриле со кинеска вселенска станица, Кинезите бесни

Објавено на

часот

Сподели

Според документот доставен од Кина на почетокот на декември до Канцеларијата на ОН за вселенски истражувања со седиште во Виена, кинеската вселенска станица Тиангонг (Небесна палата) морала да маневрира во два наврати, во јули и октомври, за да избегне „средба“ со сателитите на компанијата на Маск Спејсекс.

Станува збор за сателити на Старлинк за доведување на интернет услугата до тешко достапни области. Системот Старлинк бара мрежа од речиси 12.000 сателити во ниска орбита кои кон земјата постојано испраќаат широкопојасен интернет.

„Од безбедносни причини, кинеската вселенска станица вклучи превентивен систем за спречување на судири за да ја зачува безбедноста и животите на своите астронаути во орбитата“, се вели во документот објавен на веб-страницата на Канцеларијата на ОН за вселенски истражувања.

Кина ги обвинува САД дека не ги исполнуваат своите меѓународни обврски во вселената, без директно да го спомне името на најбогатиот човек во светот.

Копија од кинескиот документ се прошири вчера на Веибо, кинеската верзија на Твитер, каде неколку корисници го опишаа проектот како „вселенска војна“, а некои повикаа и на „бојкот на Тесла“.

Минатиот месец кинеската филијала на Тесла, исто така во сопственост на Маск, објави дека Старлинк нема да ги лансира своите услуги во Кина. Наместо тоа, сите возила на Тесла и станици за полнење во земјата ќе ги користат мрежните услуги што ги нуди кинескиот оператор, а сите податоци ќе бидат задржани во земјата.

Спејсекс досега испрати повеќе од 1.500 сателити во орбитата за да ѝ служат на широкопојасната мрежа, а Маск рече дека на крајот сака да постави околу 42.000 сателити во орбитата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ