понеделник, 4 мај 2026

Драматично предупредување на ОН: Деца во Авганистан ќе умираат од глад

Објавено на

часот

Сподели

Извршниот директор на Светската програма за храна (ВФП) Дејвид Бисли кажа за Ројтерс дека 22,8 милиони луѓе во земјата со 39 милиони жители се соочуваат со акутна прехранбена несигурност и „одат кон глад“, што е голем пораст во споредба со 14 милиони само два месеци претходно.

„Деца ќе умираат. Луѓе ќе гладуваат. Нештата ќе станат многу полоши“, кажа тој во Дубаи.

„Не знам како да се спречи умирањето на милиони луѓе, особено деца, со недостиг на финансирање и колабирана економија“, додаде.

По талибанското преземање на власта во август западните земји и донаторите замрзнаа милијарди долари помош за Авганистан, чија економија зависи од странска помош.

Ситуацијата со недостигот од храна беше лоша во Авганистан и пред преземањето на власта на талибанците.

„Она што го предвидовме се случува многу побрзо од очекуваното. Кабул падна пред кој било да очекуваше, а економијата се урива уште побрзо од тоа“, кажа Бисли.

Истакна дека доларите наменети за развојна помош треба да се пренаменат за хуманитарна помош, што некои земји веќе го направија.

Исто така предложи пренасочување на замрзнатите средства низ агенцијата на ОН.

Светската програма за храна тврди дека ѝ се потребни 220 милиони долари месечно за делумно да нахрани 23 милиони ранливи луѓе во Авганистан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ