„Нештата мора да одат така што во собранието на Република Српска ќе ги поништиме сите одлуки и ќе ја повлечеме нашата согласност што сме ја дале во минатото, како на пример согласноста за војската, и ќе се повлечеме од таа структура“, кажа Додик за Радио телевизија Република Српска (РТРС).
При тоа наведе дека Република Српска би се повлекла и од договорот за воспоставување систем за собирање на недиректните даноци и полициските и правосудните тела. „Потребно е да се поништи секое постоење на државната Агенција за истраги и заштита (СИПА) на просторот на РС, недиректните даноци и сите институции кои настанаа“, додаде српскиот член на Претседателството на БиХ.
Тој се зазема за враќање на изворната надлежност на државните власти во времето на потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор. Тоа по него подразбира менување на државниот совет на министри на вкупно три ресори.
Претставниците на власта на Република Српска месец и пол ја бојкотираат работата на државните институции откако поранешниот висок претставник Валентин Инцко го наметна законот за забрана на негирање на геноцид. Државата не донесе буџет за оваа година, а под прашалник е носењето одлука за привремено тримесечно финансирање, по што може да настапи целосна блокада.






