Додик, лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), кажа на Пале дека Република Српска ќе опстане, бидејќи може да функционира.
„Што ни фали? Дали нешто изгубивме? Не, само повеќе добиваме. БиХ ќе се урне и ќе исчезне и ќе остане само тоа што може да живее, а тоа е Република Српска. Од останатиот дел (на БиХ) не знам што може да остане“, кажа Додик.
Тој истакна дека нема да има нова војна, наведувајќи дека „не може да верува дека тие што се закануваат со војна не можат да видат дека БиХ е во состојба на целосен распад“.
Додаде дека „воената стратегија“ на претседателот на Партијата на демократска акција Бакир Изетбеговиќ е „смешна“.
Додик кажа дека слушнал за „елаборацијата“ на Изетбеговиќ, според која лидерот на СНСД „нема да влезе во Федерацијата БиХ“, но, како што наведе, може да предизвика бунт на Бошњаците и реакција на полицијата во Република Српска, по што силите на Федерацијата БиХ би влегле во помалиот ентитет.
Тој кажа дека луѓето „имаат право да мислат што сакаат, но дека Изетбеговиќ се занесува ако мисли дека може да влезе на територијата на РС“.
„Во секој случај, мислам дека е глупаво да се зборува на таа тема. Сè се злоупотребува, дури и моите шеговити коментари на таа тема се употребуваат како исклучив доказ. Тоа сакав да го демантирам“, кажа Додик.






