понеделник, 4 мај 2026

Австрија протера тројца руски дипломати поради „шума од антени“ користени за шпионажа

Австриската влада денес прогласи тројца руски дипломати за персона нон грата поради „шумата од антени“ на покривите на дипломатските згради што би можеле да се користат за шпионажа, јави Ројтерс.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бројните сателитски антени инсталирани на зградите што ги користи руската држава во Виена, особено на станбениот комплекс за дипломатски персонал, долго време го привлекуваа вниманието на главната разузнавачка служба на Австрија, која со години предупредува дека овие антени би можеле да се користат за пресретнување на сателитските комуникации на други земји.

„Неприфатливо е дипломатскиот имунитет да се користи за шпионажа“, изјави министерката за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер во соопштението, потврдувајќи дека тројцата дипломати веќе ја напуштиле земјата. Со ова, бројот на руски дипломати протерани од Австрија од 2020 година се искачи на 14.

Руската амбасада во Виена го објави соопштението на својата веб-страница. Тие наведуваат дека дипломатите биле протерани од амбасадата и од руската мисија при Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и дека Москва ќе реагира остро на австриската одлука, опишувајќи ја како „неоправдана со ништо“.

Силвија Мајер, директорка на главната домашна разузнавачка служба, односно Дирекцијата за државна безбедност и разузнавачки работи, беше прашана од новинарите на прес-конференција зошто тие сателитски антени претставуваат посебна закана. Мајер рече дека тоа има врска само со нивната големина и природа.

Виена е важен дипломатски центар, домаќин на ОБСЕ и организациите на Обединетите нации, како што е Меѓународната агенција за атомска енергија. Поголемите земји како Русија и САД често имаат посебни амбасадори во Австрија, ОБСЕ и организациите на ОН, од кои секој предводи амбасада или мисија.

Виена, која беше поделена на сојузнички сектори по Втората светска војна, долго време имаше репутација на шпионско гнездо, истакнува Ројтерс. Големото дипломатско присуство дава можност за стационирање разузнавачки агенти под покровителство на дипломатски имунитет, се додава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ