Како што стои во соопштението на Министерството за европски прашања, со оваа иницијатива Владата има цел да оди подалеку од традиционалното одбележување на Денот на Европа на 9 мај и да го претвори целиот месец мај во заедничка платформа за промоција на процесот на европска интеграција и негово доближување до граѓаните.
Во своето обраќање министерот Сали истакна дека фокусот на кампањата е насочен кон пренасочување од техничките аспекти на преговорите кон конкретните придобивки од членството во Европската Унија вклучувајќи повеќе можности за младите, развој на инфраструктурата и поддршка на локалната економија.

Во соопштението се наведува дека во текот на мај ќе се организираат разни активности и ќе се презентираат успешни приказни од проекти поддржани од Европската Унија, кои веќе имаат директно влијание врз подобрувањето на животот на граѓаните.
Кампањата се реализира како заеднички приоритет на Владата, во соработка со граѓанскиот сектор, универзитетите, бизнис-заедницата и културните институции, со цел процесот на европска интеграција да стане повидлив и позначаен за сите граѓани.






