На вчерашната конференција за новинарите во Осло заедно со другиот добитник Дмитриј Муратов од Русија, Реса, која е Филипинка кажа дека „ерата за натпреварување за вести е мртва“.
„Мислам дека сега е времето кога сме на иста страна и се бориме за фактите и ќе ни биде потребно да најдеме нови начини на соработка, не само секој од нас во својата земја туку исто така и глобално“, кажа Реса.
Откако во октомври беше објавено дека ја добиле престижната награда слободата на медиумите не се поправила ни на Филипините ни во Русија, кажаа Реса и Муратов.
„Засега слободата на медиумите е под закана. Многу беше потребно за да можам да бидам тука денес и да одговарам на вашите прашања“, кажа Реса и додаде дека морала да добие одобрување од четири суда за да патува, поради кривичните тужби со кои е соочена во својата земја.
Реса е првата личност од Филипините која добила Нобелова награда за мир. Таа минатата година беше прогласена за виновна за клевета и судена на затвор, во одлука која се смета за голем удар врз глобалната слобода на медиумите. Таа во моментов е на условна слобода со кауција, но ја чекаат седум активни правни постапки.
Муратов кажа дека владите инвестираат во лаги, а не во новинарство и додаде дека е „целосно свесен дека ова е награда за целосната новинарска заедница“.
Норвешкиот Нобелов комитет ги одбра двајцата новинари за нивната одвоена борба за слободата на изразувањето во земји каде новинарите се соочуваат со постојани напади, вознемирувања па дури и убиства.
58-годишната Реса во 2012 беше коосновач на порталот Раплер, критичен кон владата. Седумте кривични пријави против неа се поврзани за правни прашања околу нејзината новинска агенција вклучувајќи ги тврдењата дека ја прекршила уставната забрана за медиумите да примаат странски средства.
59-годишниот Муратов е еден од основачите на независниот руски весник Новаја газета во 1993 година. Тој кажа дека наградата ја гледа како награда за новинарите и соработниците на тој весник кои се убиени, вклучувајќи ја Ана Политиковскаја, која известуваше за конфликтот во Чеченија.
Претседавачката на Нобеловиот комитет Берит Реис Андерсен кажа дека наградата е доделена за да се укаже на значењето на информациите во денешното општество.
„Здравото општество и демократијата се зависни од сигурни информации за јавноста и политичарите да можат да ги засноваат своите одлуки и расправи на информации засновани на факти“, кажа Реис Андерсен.
Таа истакна дека има многу информации денес во општеството кои се несигурни, дезинформации, пропаганда и лажни вести.
Наградата од 10 милиони круни (1,1 милиони долари), медалите и дипломати денес официјално им беа врачени на добитниците во Осло.






