„Епидемијата е под контрола и можеме да се пофалиме со рекордна стапка на вакцинирање. Затоа на 10 септември ќе може да ги отфрлиме рестриктивните мерки кои моравме да ги воведеме во борбата против ковид-19“, кажа министерот за здравство Магнус Хенике.
Тој потсети дека епидемијата сè уште не завршила, но истакна дека данската влада „нема да се колеба ако треба брзо да дејствува во случај пандемијата повторно да ги наруши основните функции на општеството“.
Во март 2020 Данска беше една од првите земји кои воведоа режим на делумно затворање. Ги затвори училиштата и компаниите чија работа не беше од клучна важност за функционирањето на државата. Неколку недели подоцна, по првото ублажување на воведените мерки данските власти од август 2020 решија повторно постепено да ги заоструваат. Делумен карантин беше воведен за Божиќ.
Од тогаш земјата постепено повторно се отвара. Во април беа воведени дигиталните пропусници, чија употреба сега е ограничена.
На 14 август беше укинато задолжителното носење маска во јавниот превоз. Дотогаш јавниот превоз беше единственото место каде што мораа да се носат маски.
Задолжителното покажување на здравствената пропусница во ноќните клубови, кои повторно се отвораат на 1 септември и на големите собири од 10 септември се укинува. Планирано е пропусницата од 1 септември да не се бара ни во рестораните, спортските центри ни при одењето на фризер.
Од 5,8 милиони жители на оваа скандинавска земја против ковид-19 се вакцинирани над 70 отсто.






