Земан во интервјуто за Си-ен-ен го коментираше новиот унгарски закон и истакна дека трансродовите лица „особено ги смета за одвратни“.
„Ако се подложиш на промена на полот, тоа всушност значи дека над себе си извршил злосторство на самоповредување“, кажа Земан. „Секоја операција е ризична и за мене тие трансродови лица се одвратни“, кажа Земан.
Контроверзниот унгарски закон забранува содржини со ЛГБТ тематика во училиштата со што, истакнуваат критичарите на законот, дополнително ги стигматизира и дискриминира припадниците на ЛГБТ заедницата.
Законот донесе претходно месецов е веќе поприлично критикуван и во Унгарија, од страна на противниците на премиерот Виктор Орбан, но и од страна на европски и светски политичари, невладини организации и активисти.
Минатата недела на самитот на ЕУ холандскиот премиер Марк Руте му порача на Орбан да ја напушти Унијата ако не сака да ги почитува правата на ЛГБТ лицата.
Повеќе од половина земји членки го осудија новиот закон на Орбан, но не и Чешка. Чешкиот претседател Земан кажа дека таквата осуда е мешање во внатрешната политика на земјата.
Иако претседателот во Чешка има ограничени извршни овластувања, Земан, како и неговите претходници, има силно влијание во јавноста.
Освен што го поддржува Орбан, актуелниот чешки претседател покажува и наклонетост кон Русија и Кина и го критикува доселувањето од муслиманските земји, а пред еден месец ѝ се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999, оценувајќи дека било погрешно и „полошо од злосторство“.
„Виктор Орбан кажа дека тој не е против хомосексуалците, туку се противи на манипулацијата со родителите и децата околу прашањето на сексуалното образование. Затоа не гледам причина да не се сложам со тоа бидејќи ме нервираат феминистките, движењето И јас како и прашката Парада на гордоста“, додаде тој.
Ако не се откаже од својот контроверзен закон, Унгарија може да се соочи со правни последици на највисокиот суд во ЕУ, а сè повеќе се спомнуваат и санкции во форма на намалување на финансирањето од ЕУ фондовите.
Орбан, кој е премиер од 2010 година, во своите ставови и потези е сè поконзервативен и сè поизразено е неговото промовирање на, како што самиот ги нарекува, традиционалните христијански вредности. Пред минатонеделниот самит, на новинарите им кажа дека целта на неговиот нов закон е да го заштити правото на родителите да одлучуваат за сексуалното образование на своите деца.






