Зборувајќи за тоа дали постои обврска кон Рио Тинто, Брнабиќ потсети дека компанијата дошла во Србија во 2004 година.
Брнабиќ кажа дека „Уредбата за просторен план не значи ништо посебно ниту значи дека проектот ќе биде имплементиран“.
„Просторниот план е еден од документите кој е потребен, меѓу другото, за тие да знаат за кој простор да направат студија за проценка на влијанието на животната средина“, наведе Брнабиќ.
Рио Тинто, додаде Брнабиќ, врз основа на дозволата од 2004 почнала истражувања и инвестиции во Србија.
„Потоа во 2006 прашале дали можат да продолжат, со тоа што би го прошириле обемот на истражувањата, да ја прошират територијата на која ги вршат истражувањата и да вложат дополнителни пари во тоа“, кажа српската премиерка и додаде дека српската влада одговорила потврдно, како и во следните години на барањето.
Додаде дека во 2012 се одобрени големи бушотини, а до 2013 Рио Тинто, врз основа на тоа што владата го одобрила во согласност со законите на Србија, потрошила меѓу 150 и 200 милиони долари.
„И работат и понатаму во согласност со законите. За ние да дојдеме до 2013 и 2014 и да кажеме фала многу, сега повеќе не можете да работите, заминете од Србија. А работеле во согласност со законот, добивале дозволи од владата на Србија, вложувале пари во согласност со тие дозволи… Дали вие мислите дека Рио Тинто или кој било друг инвеститор нема да тужи за да си ги врати парите? Или мислите дека е сосема нормално и возможно некој да вложи пари врз основа на дозволи кои им ги дала владата, а потоа владата еден ден да каже: ви благодариме многу, а сега довидување, ние не сакаме да продолжиме со тоа, никој никому ништо не му должи?“, праша Брнабиќ.
Кога во 2004 година била дадена првата дозвола за истражувања, „ние како земја сме се обврзале затоа што тие луѓе вложиле пари“, додаде Брнабиќ.
Таа направи споредба со, на пример, инвеститор кој сака да гради фабрика во Нови Сад и кој ќе добие дозвола за тоа, а потоа да му порачате да ја напушти земјата и да ги остави фабриката и опремата.
„Немате обврзувачки договор со нив, само прашање е дали како земја сте дозволиле и сте им дале причина на тие луѓе да инвестираат, а потоа еден ден се оградувате од тоа и велите: па не сум јас виновен, туку овој што дошол десет години подоцна, зошто тој не го сопрел?“, заклучи српската премиерка.






