петок, 1 мај 2026

Британската кралица им се обрати на Шкотите: „Очите на светот ќе бидат вперени кон нас“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Кралицата во саботата се обрати во шкотскиот парламент со топли зборови, само четири месеци по изборите на кои победија поддржувачите на независноста, со ветување дека ќе одржат нов референдум за отцепување од Обединетото Кралство.

Следниот месец, Обединетото Кралство ќе биде домаќин на климатскиот самит КОП26 во Шкотска, на кој британските власти гледаат како последна шанса да ги обврзат светските лидери во однос на целите за намалување на емисиите на стакленички гасови во следната деценија.

„Очите на светот ќе бидат вперени кон Обединетото Кралство – особено Шкотска – додека лидерите ќе зборуваат за предизвиците на климатските промени“, рече кралицата во говорот.

„Шкотскиот парламент, како и сите парламенти, има клучна улога во создавањето подобра и поздрава иднина за сите нас, како и во работата со луѓето што ги претставува, особено со нашите млади луѓе“, додаде таа.

Елизабета ќе присуствува на самитот КОП26. Членовите на нејзиното семејство, како синот принцот Чарлс и внукот принцот Вилијам, веќе долго време се гласни активисти за заштита на животната средина.

Деведесет и петгодишната кралица, која дел од годината поминува на својот имот во Шкотска, се присети на времето поминато во Шкотска со нејзиниот сопруг Филип, кој почина во април.

„Веќе зборував за мојата длабока и трајна наклонетост кон оваа прекрасна земја и за многуте наши среќни спомени“, рече таа.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=mDHzU0IDK90 autoplay:0]

Иако независноста на Шкотска се гледа како политичко прашање, за кое кралицата не би требало јавно да зазема став, нејзините топли зборови за Шкотска понекогаш во медиумите се прикажуваат како дел од офанзивата за придобивање на Шкотите да останат во Велика Британија.

Шкотска е дел од Обединетото Кралство повеќе од 300 години, а од 1999 година има свој парламент и автономија.

Каков самит е тоа?

Самитот во Шкотска се одржува во ноември.

Имаме уште „многу работа“ до почетокот на важната климатска конференција во Глазгов во ноември, рече нејзиниот претседател Алок Шарма по подготвителниот состанок за КОП26 одржан во Милано.

„Не го потценувам обемот на работата што е пред нас“, рече Британецот на прес-конференција, додавајќи дека дискусиите се „конструктивни со вистинско чувство за итност“.

„Сите признаваат дека Глазгов најверојатно ќе биде клучен момент во правењето планови за следната деценија (…). Постигнат е консензус дека мора да сториме повеќе за да можеме да ја ограничиме температурата на +1,5 Целзиусов степен“, рече тој.

Целта на Парискиот договор од 2015 година е да се ограничи загревањето на „значително под“ +2 Целзиусови степени, ако е можно на +1,5 степени. Но, во последниве години, голем број земји потписнички се воздржуваат од прифаќање на целта од 1,5 степен, особено Саудиска Арабија и Русија, кои учествуваа на подготвителната конференција во Милано.

Најновите процени на ОН покажуваат дека тековните обврски на земјите го водат светот кон „катастрофално“ загревање од +2,7 степени.

Додека глобалните температури се зголемија за околу +1,1 Целзиусов степен, светот веќе го мачат сѐ почести и потешки катастрофи, од поплави преку разорни пожари до големи жеги.

„Никој не смее да се сомнева дека се бориме за опстанок на човештвото“, предупреди потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.

„Светот почнува да го прифаќа фактот дека ние мора да дејствуваме, и тоа веднаш“, додаде тој, изразувајќи надеж дека Кина и Индија, кои не ги доставија своите нови планови за намалување на емисиите на стакленички гасови до ОН, ќе дадат „значаен придонес“ за планетата да не се загрева повеќе од +1,5 Целзиусов степен.

Министрите од околу 50 земји, меѓу кои и Соединетите Држави и Кина, присуствуваа лично или преку видеоврска на состанокот во Милано за да се подготват за КОП26, кој беше одложен за една година поради пандемијата на ковид-19.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ