Претседателот на Белорусија и белоруските функционери ја опишаа таа мерка како дел од одговорот на Белорусија на санкциите на ЕУ, тврдејќи дека нацијата не може да си ги дозволи трошоците поврзани со сопирање на приливот на бегалци кои заминуваат во Европа и дека наместо тоа ќе ги користи тие средства да го амортизира негативниот ефект на европските санкции.
ЕУ членките Полска и Литванија се обидуваат да се справат со невообичаено големиот број бегалци, главно граѓани на Ирак и Авганистан, кои во последните месеци стигнаа на нивните граници со Белорусија.
Варшава и Вилнус го обвинуваат Лукашенко дека го поттикнува напливот на бегалци и дека ги користи како оружје во „хибридната војна“ против ЕУ во знак на одмазда за санкциите кои на Белорусија ѝ беа воведени откако владата во Минск ги сузби опозициските протести во 2020 година.
Санкциите годинава беа заострени откако Белорусија насилно пренасочи патнички авион на компанијата Рајанер за да го уапси опозицискиот активист Роман Проташевич.
Белорускиот министер за внатрешни работи Иван Кубраков ја опиша суспензијата на договорот за реадмисија како „привремена мерка“, до нормализацијата на односите со ЕУ.






