Апсењето на Проташевич предизвика огорчување на меѓународната заедница, а Европската Унија воведе дополнителни економски санкции против Белорусија.
Новинарот и неговата девојка Софија Сапега од апсењето на 23 мај беа во притвор.
Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја кажа денес дека префрлањето во домашен притвор на Проташевич и Сапега е „добра вест“, но истакна дека тоа не е крајот.
„Куќниот притвор не е слобода, тие и понатаму се соочуваат со обвиненија, и понатаму се следи секој нивен чекор. Значи дека сè уште се заложници“, кажа Тихановскаја, која минатата година поради притисокот од властите избега од Белорусија во Литванија.
Додаде дека таа и нејзиниот тим се во контакт со родителите на Проташевич кои „немаат никакви информации за својот син, не смеат да разговараат со него и се уверени дека режимот игра игра“.
Адвокатот на Сапега Антон Гашински потврди за Асошиејтед прес дека неговата клиентка неодамна била префрлена во домашен притвор, не прецизирајќи кога. Таа живее во изнајмен стан во Минск, а вчера се сретнала со родителите во ресторан.
Гашински кажа дека не таа не била сама во ресторанот, но одби да одговори дали била со Проташевич.
Адвокатката на Проташевич одби да коментира каде се наоѓа тој, како ни статусот на нејзиниот клиент, повикувајќи се на договорот за неоткривање податоци.






