Во обраќањето до нацијата Бајден исто така рече дека побарал од Пентагон да направи план за одговор на нападите на исламските милитанти, објави Ројтерс.
„Нема да простиме, нема да заборавиме. Ќе ве фатиме и ќе ве натераме да платите“, рече Бајден, како што пренесува Ројтерс, со глас исполнет со емоции.
Бајден рече дека американските војници што загинаа денеска во експлозиите во близина на аеродромот во Кабул се херои и дека биле ангажирани во опасна мисија да спасат други животи.
Бајден, исто така, рече дека не мисли дека е погрешно САД да се потпираат на помошта на талибанците во евакуацијата на американскиот персонал од Авганистан.
Тој, исто така, посочи дека е во интерес на талибанците американските сили да го напуштат Авганистан навреме и според планираното.
Бајден рече дека САД ќе се обидат да продолжат со евакуација на Авганистанците што им помогнаа на Соединетите Држави и дека ќе се држи до својата одлука за повлекување на војниците од Авганистан.
Сепак, Бајден исто така рече дека ќе испрати дополнителни воени сили во Авганистан доколку е потребно.
Тој, исто така, изјави дека американската армија повремено им давала информации на талибанците за групи луѓе што се обидувале да ги евакуираат.






