Од полноќ во Англија салите и стадионите можат да се отворат со полн капацитет, дискотеките можат повторно да работат, повторно може да се биде на шанк во пабовите и веќе нема ограничување на бројот на луѓе што можат да се соберат. Ова е ново поглавје во борбата против пандемијата. Носењето маска повеќе не е задолжително, но се препорачува во јавниот превоз и во продавниците, и повеќе не се повикува ни на работа од дома.
Британскиот премиер Борис Џонсон го предупреди населението да биде внимателно.
„Ве молиме, бидете внимателни и утре да преминеме на следната фаза во ублажувањето на мерките, со целосна претпазливост, неопходното почитување на другите и ризиците што сè уште ги носи оваа болест“, замоли конзервативниот лидер во видео на Твитер во неделата и ја нагласи високата заразност на делта варијантата на коронавирусот, одговорна за големиот скок на бројот на случаи во последните неколку недели.
Like so many people I’ve been pinged by NHS Test and Trace as I have been in contact with someone with COVID-19, and I will be self-isolating until Monday 26th July. pic.twitter.com/X57gDpwDqe
— Boris Johnson (@BorisJohnson) July 18, 2021
Џонсон има надеж во вакцината и покрај растот на бројот на случаите. Доколку се покаже дека вакцината заштитува од потешки форми на болест и смрт и покрај зголемениот број на заразени, тоа може да биде важна информација за другите земји во смисла на враќање во нормален живот, пишува Ројтерс.
Според податоците на владата, вчера Велика Британија имала 48.161 нови инфекции и 25 смртни случаи во рамки на 28 дена од позитивен тест. Двете бројки се пониски од саботните, кога имало 54.674 позитивни и 41 смртни случаи. Но, новата стратегија носи и ризици – може да се појави варијанта отпорна на вакцините или бројот на случаи може да биде толку висок што може да доведе до запирање на економијата.
„Ако не го сториме тоа сега, може да се прашаме, кога воопшто ќе го сториме тоа?“ рече Џонсон на Твитер. „Ова е вистинскиот момент, но мора да бидеме претпазливи. Мора да бидеме свесни дека за жал вирусот е сè уште тука“.
Велика Британија е на седмото место во светот според смртни случаи, но 87 проценти од британското возрасно население примило барем една доза од вакцината и повеќе од 68 проценти две. Бројот на мртви на ден, кој сега е околу 40, е далеку од бројките од врвот на пандемијата во јануари, кога имало 1.800.
Целта на укинување на мерките е забрзување на економското закрепнување, но таа амбиција може да биде загрозена доколку се појават десетици илјади нови инфекции дневно, што ќе принуди стотици илјади луѓе на самоизолација – не само заразените, туку и нивните контакти. Џонсон и министерот за финансии Риши Сунак во моментов се во самоизолација затоа што биле во контакт со лице заразено со коронавирус.






