Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби изјави дека крајниот рок 11 септември за завршување на повлекувањето останува и понатаму, но дека темпото на повлекување може да се промени.
„Ситуацијата во Авганистан се менува бидејќи талибанците продолжуваат да вршат напади и пустошат во окрузите, насилството и понатаму е превисоко“, изјави портпаролот на Пентагон.
„Ако се потребни промени во ритамот или обемот и размерот на повлекувањето, кој било ден или било која недела, сакаме да бидеме флексибилни за да можеме тоа да го направиме“, нагласи тој.
„Секој ден ја следиме ситуацијата на теренот, какви можности имаме, кои дополнителни ресурси ни требаат за да се повлечеме од Авганистан и со какво темпо“.
Претставници на Пентагон минатата недела изјавија дека повлекувањето е половина готово.
Авганистан се соочува со засилено насилство, додека САД и НАТО се подготвуваат да ги повлечат своите преостанати сили.
Во текот на последните месец дена, талибанците ги засилија нападите и презедоа контрола над повеќе од 30 окрузи, пишува Би-би-си.
Освоија и поголеми количини на воена опрема, додаде тој повикувајќи се на локални медиуми, и убиле, раниле или заробиле десетици војници.
Портпаролите на авганистанската влада негираа дека окрузите паднале во рацете на талибанците.
Не е познато колку талибанци биле убиени или ранети.
Тие тврдат дека имаат контрола над целата северна провинција Кундуз и дека во рацете на владата е само уште главниот град на покраината.






