Снимката која се појави прикажува големо количество отпад од само еден од 24 дистрибуциски центри во Британија. Производите се главно некористени и сортирани со ознаката „уништи“, а станува збор за дронови, фенови, слушалки, книги и слично.
Видеото го направил еден вработен кој сакал да остане анонимен, а тврди дека работниците неделно уништуваат околу 130.000 парчиња различна стока.
„Нема причина за уништувањето. Правосмукалки, лаптопи, таблети, спакувани маски… Околу 50 отсто од стоката не е отворена, додека другата половина претставува вратена стока во добра состојба. Вработените станаа рамнодушни кон она што се бара од нив да го прават“, кажал анонимниот извор.
[video:https://youtu.be/mxqz2g05MTI autoplay:0]Со истрагата е утврдено дека стотици илјади непродадени или вратени прозиводи секоја недела завршуваат во „зоната за уништување“.
Во една недела во магацинот Дунфермлајн 123.000 предмети биле означени за уништување, а во истиот период само 28.000 за донации.
Причина за уништувањето е во начинот на работење на Амазон. Многу продавачи низ светот ги чуваат своите производи во магацините на Амазон, а што повеќе стојат, поголеми се трошоците. На крајот е поевтино да се уништат.
Тоа што го прави Амазон не е нелегално, а владата ги одбива повиците да интервенира со закон.
Организацијата Гринпис наведува дека станува збор за непотребен отпад и дека ваквиот начин на справување со стоката е шокантен.
Амазон одговори и порача дека работи на својата цел, а тоа е во иднина да нема уништување на стоката, и дека приоритет се препродажбата, донирањето и рециклирањето на непродадените производи.






