Адвокатот на Мекафи кажа дека американско-британскиот програмер се обесил бидејќи десетте месеци затвор го довеле до очај. За време на сослушувањето минатиот месец 75-годишниот Мекафи кажа дека поради својата возраст најверојатно остатокот од животот ќе го мине во притвор во САД ако биде осуден.
„Се надевам дека шпанскиот суд ќе ја види неправдата во тоа“, кажа тој тогаш и додаде дека САД сакаат да го искористат како пример.
Мекафи со години им бегаше на американските власти. Обвинет во сојузната држава Тенеси за затајување данок, а обвинет е и во случај на измама со криптовалути во Њујорк.
Живописниот технолошки бизнисмен беше фатен на 3 октомври на аеродромот во Барселона, пред полетувањето за Истанбул со британски пасош, објави тогаш шпанската полиција.
Мекафи пред лансирањето на првата антивирусна програма во 1987 работел за НАСА, Ксерокс и Локид Мартин. Интел ја презема неговата компанија во 2011, кога Мекафи повеќе немаше улога во неа. Програмата и понатаму го носи неговото име и има 500 милиони корисници во светот.
Шпанскиот суд одлуката за екстрадиција ја донесе вчера, истиот ден кога тој беше најден мртов во ќелијата. Мекафи во 2019 година кажа дека не платил данок на доход во САД од идеолошки причини. На Куба ѝ понуди помош во избегнувањето на американските санкции преку криптовалути, а планираше и да се кандидира за американски претседател.
Неговата сопруга Џенис на Твитер во неделата напиша дека американските власти се решени Џон да умре во затвор за да биде пример за оние кои зборуваат за корупцијата во владините агенции.
„Нема шанси тој да има фер судење во САД“, напиша таа тогаш.






