На меѓувладините конференции во Луксембург, Украина и Молдавија ќе го отворат првиот преговарачки кластер – „Основи“, кој ги опфаќа функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, владеењето на правото, правосудството и основните права, правдата, слободата и безбедноста, како и економските критериуми.
Поглавјата од првиот кластер претставуваат темел на процесот на пристапување, па затоа први се отвораат и последни се затвораат. Отворањето на преговорите со Украина долго време беше блокирано од поранешната унгарска влада на Виктор Орбан, кој ги загуби изборите во април.
Амбасадорите на 27-те земји членки на Европската Унија на 12 јуни одлучија официјално да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во заедничка изјава наведоа дека одлуката за отворање на преговорите со Украина и Молдавија претставува „признание за решителноста, храброста и напорната работа што двете земји ја покажаа во спроведувањето на реформите, и покрај тоа што беа соочени со огромни предизвици“.
Кошта и Фон дер Лаен ја опишаа одлуката како „стратегиски избор што ги зајакнува мирот, безбедноста и просперитетот“ низ Европа и како „сигнал дека понудата на Европската Унија за мир, стабилност и можности е неспоредлива“.
Црна Гора на денешната меѓувладина конференција ќе ги затвори преговорите во Поглавје 2 – Слободно движење на работниците и Поглавје 28 – Заштита на потрошувачите и здравјето.
Црна Гора е најдалеку напредната земја во пристапниот процес меѓу сите кандидати за членство во Европската Унија. Досега затвори 14 преговарачки поглавја, а до крајот на годинава планира да ги затвори и сите преостанати.






