„Во рамки на истрагата се издадени потерници за 53 лица“ во Истанбул, но и во Анкара. Досега се уапсени 47 лица од потерниците, објави Канцеларијата на јавниот обвинител на Истанбул.
Градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен на 19 март, а притворен на 25 март. Тој е обвинет за „корупција“ токму во време кога неговата партија ЦХП требаше да го номинира за кандидат на претстојните претседателски избори.
Меѓу уапсените утринава, според турските медиуми, се шефицата на кабинетот на градоначалникот Кадрие Касапоглу, братот на неговата сопруга Дилек Имамоглу, шефот на управата за води и поранешни градски функционери.
Како што јавува опозицискиот портал Бир ѓун, денес биле спроведени пребарувања на домовите на спомнатите функционери и соработници на градоначалникот во Истанбул, Анкара и Текирдаг на северозападот на земјата.
Според покраинскиот лидер на Републиканската народна партија (ЦХП) во Истанбул, Озгур Челик, овие апсења се поврзани со фактот што градските власти се противат на контроверзниот проект „Канал Истанбул“ со кој е предвидено удвојување на пловните патишта на Босфор. Со проектот, кој тогашниот премиер Ердоган го претстави во април 2011, предвидено е поврзување на Црно и Мраморно Море за да се намали сообраќајот во Босфорскиот теснец, долг 50 километри, широк 150 метри и длабок 25 метри.
Еколозите остро го критикуваат бидејќи нарушува природни и земјоделски земјишта и би влијаел на промени во водниот резервоар кој делумно го снабдува Истанбул со вода. „Денешната операција не е случајност“, порача Челик на Икс, објаснувајќи дека управата за водовод и канализација на огромниот град наредила уривање и прекин на градењето долж трасата на каналот.
„Општинските службеници кои се противат на проектот во моментов се наоѓаат во главата полициска станица. Со секој ден е сè поголема цената која малцинската влада ја наплаќа од нашата земја и нејзините жители“, истакна тој.
И Ѓокан Гунајдин, заменик претседателот на парламентарната група на главната опозициска сила ЦХП кажа дека „вистинската причина за овие апсења е Истанбулскиот канал“ и дека „Истанбулската градска општина е практични неоперативна“ бидејќи е лишена од повеќето свои раководители.
Турските власти почнаа проект на социјално станување и неодамна на продажба ставија земјишта покрај трасата на идниот канал, што предизвика големо внимание кај земјите од Персискиот залив.