Откако ги повлече САД од Светската здравствена организација уште на првиот ден од својот втор мандат, Трамп во почетокот на годинава потпиша повлекување на САД од 66 меѓународни организации и тела, вклучително 31 ентитет поврзан со Обединетите нации и 35 тела надвор од системот на ОН.
Белата куќа соопшти дека многу од тие институции „дејствуваат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД“, особено по прашања поврзани со глобалната клима, човековите права, родовата еднаквост и развојот.
Реакциите од меѓународната заедница и меѓу експертите се различни, но геополитичкиот тон е јасен — потезите на Вашингтон го отфрлаат традиционалниот пристап на глобално лидерство во корист на стратегија насочена кон геополитичка автономија и создавање нови билатерални и ад хок форуми.
Малкумина од водечките светски политичари ја поддржаа оваа одлука, а меѓу најгласните критичари беше Кина, која Трамп ја посети минатата недела.
Директорката на Одделот за информации при кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, ги отфрли американските мотиви и ја истакна улогата на мултилатералните институции во одржувањето на глобалната стабилност.
„Суштината на мултилатералните организации лежи во застапувањето на заедничките интереси на сите држави, а не во служење на интересите на една земја. Само еден ефикасен мултилатерален систем може да спречи меѓународниот поредок да стане ‘поредок на џунглата’ во кој правото го заменува силата на посилниот.“
Кинескиот став не е само дипломатска позиција.
Пекинг сè повеќе се обидува да се позиционира како застапник и заштитник на глобалниот мултилатерализам, најавувајќи соработка со ОН и другите меѓународни тела и остро критикувајќи ја американската политика „Америка на прво место“ како закана за глобалната стабилност.
Во исто време, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди на сериозни финансиски и оперативни последици од американскиот пристап, истакнувајќи дека глобалната организација ризикува „финансиски колапс“ поради доцнењето на американските придонеси и повлекувањето од клучни тела.
Меѓународните организации од граѓанското општество исто така остро реагираа.
Повеќе од 60 организации испратија отворено писмо против повлекувањето на САД од мултилатералните структури, предупредувајќи дека глобалната соработка во областа на човековите права, демократијата и хуманитарната помош е загрозена токму во момент на растечки геополитички ризици.
Научната заедница, особено во областа на климатските промени, исто така предупредува на потенцијални штети.
Според експертот од Стенфорд, Роб Џексон, повлекувањето на САД од тела како Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени може да ги ослаби напорите за намалување на емисиите и глобалната климатска соработка, бидејќи им дава на другите држави „изговор да ги одложат сопствените обврски“.
Одлуката на Вашингтон да се дистанцира од мултилатералните тела не е изолиран феномен, туку дел од поширока геополитичка стратегија.
Според анализата на експерти од американскиот Брукингс институт, надворешната политика на Трамп не се обидува само да ги реформира меѓународните институции, туку да го преобликува меѓународниот поредок.
Во анализа на институтот од јануари годинава се наведува дека „надворешнополитичката визија на Трамп не сака да го обнови меѓународниот поредок од Втората светска војна — таа сака да го замени со модел во кој САД не се ограничени во примената на својата економска и воена моќ.“
Целта, наведуваат тие, е премин кон поредок во кој поединечни држави го користат своето влијание директно, билатерално или преку нови форуми без посредување на традиционалните тела.
Западните сојузници сè почесто се соочуваат со прашањето за сопствената стратегија: дали и натаму да се потпираат на американското лидерство или да ги зајакнуваат сопствените автономни капацитети — било во рамките на Европската Унија, НАТО или преку други регионални рамки.
Експертите предупредуваат дека повлекувањето од мултилатералните тела може да има долгорочни последици врз способноста за заеднички одговор на глобалните кризи.
Според коментарот на Алисон Ломбардо од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, со ова повлекување најмногу се загрозени борбата против климатските промени, здравствената безбедност и вработувањето во организациите на ОН.
Аналитичарите од Хјуман рајтс воч и Амнести интернешнел ги критикуваат потезите како напад врз правниот и хуманитарниот поредок, наведувајќи дека САД се обидуваат да се повлечат од институциите што ги градеа меѓународните стандарди за човекови права и заштита, со што се ослабуваат глобалните механизми за заштита и соработка.
Директорот на Хјуман рајтс воч, Луис Шарбно, вели дека повлекувањето веќе се чувствува.
„Одлуката на САД да се повлечат од многу тела на Обединетите нации претставува најнов удар врз заштитата на човековите права и глобалното владеење на правото, што Америка помагаше да се гради во последните 80 години.“
Доналд Трамп има јасно објаснување за ваквото повлекување.
„Со ова ќе се прекине финансирањето од американските даночни обврзници и учеството во тела што промовираат глобалистички агенди наместо приоритетите на САД или што неефикасно и неуспешно се занимаваат со важни прашања, па американските пари е подобро да се распределат на други начини за поддршка на релевантни мисии.“
Претседателот Трамп најави дека ова не е крај на повлекувањата — нови може да се очекуваат уште пред летото годинава.






