При извршената контрола на терен во рамките на реконструкцијата на плоштадот кај Чинарот надзорниот орган констатирал неправилности во поставувањето на коцката на почетокот од пешачката зона, на површина од приближно 45 квадратни метри.
На изведувачот притоа му бил издаден налог за корекција и целосно усогласување со проектната документација и техничките стандарди, при што сите трошоци за прередување ќе бидат на товар на изведувачот.
Од Општина Охрид соопштија дека преку стручен надзор континуирано се следи квалитетот на градежните активности во согласност со законските процедури и договорните услови.
Општината нагласува дека нема да се прифаќаат решенија што отстапуваат од предвидениот квалитет и дека сите забелешки задолжително ќе треба да бидат отстранети пред продолжување и прием на работите.
„Целта на реконструкцијата на плоштадот кај Чинарот е таа да се реализира квалитетно, безбедно и во интерес на граѓаните“, се посочува во дописот од Општина Охрид.
МИА






