понеделник, 11 мај 2026

Шпанскиот министер за надворешни работи: ЕУ мора да изгради своја војска

Иранската криза ја оцени како пресуден момент за европската стратегиска автономија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европската Унија мора да изгради сопствена војска за непријателите како Русија да не бидат во искушение да ги искористат сомнежите околу тоа дали САД би ѝ притекнале напомош, изјави денеска шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес.

Албарес за бриселскиот портал Политико изјави дека Европската Унија не може „да се буди секое утро прашувајќи се што следно ќе направат САД“.

„Нашите граѓани заслужуваат подобро“, истакна шпанскиот министер во интервју дадено во Мадрид пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Брисел.

Албарес ја оцени иранската криза како пресуден момент за европската стратегиска автономија.

„Ова е момент на суверенитет и независност за Европа. Американците нѐ повикуваат на тоа“, рече министерот.

Како што истакна, Европската Унија мора да се ослободи од зависноста и да биде слободна од притисоци, без разлика дали станува збор за царини или закани со употреба на воена сила, како и од последиците од туѓи одлуки.

Мадрид им го ускрати пристапот на американските воени авиони до своите воени бази за војната во Иран, а САД одговорија со закани кон Шпанија со трговско ембарго, повлекување трупи, па дури и суспензија од НАТО.

„Потребен ни е воен, заеднички одбранбен механизам“, изјави Албарес за Политико, додавајќи дека на тоа не треба да се гледа како на обид за поткопување на НАТО.

Тој рече дека САД сè повеќе ја зајакнуваат својата војска и дека никој не смета оти тоа го ослабува НАТО, но дека Европејците мора да направат повеќе ако тој воен сојуз повеќе не им обезбедува сигурност како порано.

„Магијата на НАТО е во тоа што сте во НАТО и ништо не се случува, бидејќи никој не се осмелува да провери дали членот 5 навистина функционира“, рече Албарес. „Тоа е она што повторно мора да го создадеме — одвраќање… бидејќи ќе стоиме заедно“, додаде министерот.

Албарес изјави и дека Европа навистина верува во трансатлантските односи и дека за него лично САД историски се природен сојузник на Европејците.

Меѓутоа, како што рече, Европа мора да прифати дека администрацијата на Трамп има нова визија и нови идеи за трансатлантските односи.

Политико пишува дека коментарите на Албарес одразуваат поширока промена на тонот во Европската Унија, бидејќи дури и земјите со најсилна трансатлантска ориентација се принудени да се соочат со реалноста дека Вашингтон повеќе не е предвидлив сојузник, што дополнително било засилено со војната во Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ