Соединетите Американски Држави сакаат да ја променат енергетската карта на Западен Балкан преку мрежа од билатерални договори за увоз на течен природен гас, заради намалување на зависноста на регионот од Русија и зајакнување на енергетскиот коридор од јужна кон средна Европа.
Планирани се низа проекти од Хрватска преку Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија, Црна Гора до Косово и Србија. Тие вклучуваат нови гасоводи, терминали за течен природен гас и гасни електрани, а се придружени со политичка и финансиска поддршка од администрацијата во Вашингтон и Брисел.
Некои проекти веќе се во фаза на изградба или договарање, други се во фаза на планирање, додека целиот регионален енергетски состав постепено се пренасочува кон природен гас од САД, Азербејџан и Медитеранот.
Џонатан Стерн, професор на Оксфордскиот институт за енергетски студии, укажува дека југоисточна Европа веќе развила алтернативни правци.
„Постојат терминали за течен природен гас во Грција и Хрватска, како и Јужниот гасен коридор од Азербејџан, заедно со романското гасно поле Нептун дип во Црно Море, чија експлоатација би требало да почне идната година, а резервите се проценуваат на 100 милијарди кубни метри“, изјави Стерн за Радио Слободна Европа.
Крај на зависноста на БиХ од Русија
Босна и Херцеговина во изминатите месеци беше во фокусот поради проектот Јужна гасна интерконекција со Хрватска, кој на ентитетот Федерација БиХ би му овозможил пристап до терминалот за течен природен гас на Крк и алтернативни снабдувачи со гас.
Во исто време, властите на другиот ентитет, Република Српска, продолжуваат да развиваат посебни гасни врски со Србија, вклучувајќи го проектот Источна интерконекција од Бијељина кон Бања Лука.
БиХ речиси пет децении целосно зависи од гасот од Русија што пристигнува преку Турски тек и главно се користи за греење во Сараево, па во споредба со Србија е занемарлив потрошувач.
Договорот меѓу БиХ и Хрватска за поврзување на гасоводот од Далмација кон централна Босна, со краци кон Херцеговина и северозападот на земјата, беше потпишан со учество на американскиот министер за енергетика Крис Рајт во април во Дубровник.
На сето тоа му претходеше повеќемесечна поддршка од официјален Вашингтон за проектот што го нарекоа „стратегиски за енергетската безбедност на регионот“.
Хрватскиот дел од проектот го води државниот Плинацро, додека во БиХ како носител е одредена приватната американска компанија ААФС инфраструктура енд енерџи, чии директори се дел од тесниот круг на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Проектот предизвика критики од Европската комисија и Енергетската заедница, чиј член е БиХ, поради посебниот закон (лекс специјалис) во Федерацијата БиХ, во кој е внесена американската приватна фирма, како и поради прашањата за усогласеност со правилата на Европската Унија.
„Проектот мора да се спроведе во рамка што е целосно усогласена со правното наследство на Енергетската заедница и начелата на енергетската политика на Европската Унија“, изјави за Радио Слободна Европа Хана Клесон, портпаролка на Европската енергетска заедница, чии членови се земјите на Европската Унија, БиХ и поширокиот регион.
БиХ годишно троши до 250 милиони кубни метри гас, додека низ новиот гасовод би требало да течат околу 1,5 милијарди кубни метри, па се разгледува и изградба на гасни електрани што би можеле да снабдуваат со струја околу 400.000 домаќинства.
Во моментов 80 отсто од струјата се произведува во термоелектрани на јаглен, од кои некои се изградени пред повеќе од 50 години.
Планираниот гасовод би се поврзал со постојниот што доаѓа од Србија.
Меѓутоа, професорот Џонатан Стерн од Оксфордскиот институт за енергетски студии смета дека гасоводот „е важен за БиХ, но не и за поширокиот регион“.
Тој се сомнева во исплатливоста на инвестицијата од околу една милијарда евра, колку што е проценетата вредност на новиот гасовод.
„Хрватска нема достапен капацитет за течен природен гас за транзит на гас преку БиХ. А и каде би одел? Србија сега може да го набавува преку Бугарија“, изјави Стерн за Радио Слободна Европа.
Стратегиско партнерство меѓу Србија и САД
Србија ја шири гасната инфраструктура настојувајќи да ја задржи улогата на регионален енергетски јазол, додека паралелно отвора простор за американски течен природен гас и нови западни инвестиции во енергетскиот сектор.
Министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, потпиша заедничка изјава со САД и повеќе држави од источна и централна Европа на самитот во Вашингтон, во февруари годинава.
Директорот на Србијагас, Душан Бајатовиќ, потоа изјави дека Србија „ќе мора да купува американски гас“, иако количествата и формалните договори не се дефинирани.
Стратегискиот договор со САД за енергетика од 2024 година предвидува диверзификација на изворите, но формален договор за купување американски течен природен гас засега нема.
Американскиот гас би можел да пристигнува преку хрватскиот терминал на Крк или грчкиот Александруполис благодарение на новите интерконекции кон Бугарија и Македонија.
Србија управува со мрежа од околу 2.500 километри гасоводи и планира нови, вклучително и кон Македонија, а го проширува и складиштето Банатски двор.
Во моментов повеќе од 80 отсто од гасот добива од Русија преку Турски тек.
И покрај најавите за диверзификација, клучните гасни енергетски објекти во Србија, вклучително и модерната електрана-топлана ТЕ-ТО Панчево, и натаму се поврзани со руски Газпром и Нафтената индустрија на Србија.
Терминал за течен природен гас во Бар и гасни електрани
Црна Гора, иако без гасна мрежа, станува дел од американската рамка за течен природен гас преку плановите за терминал во пристаништето Бар и идни гасни електрани.
Црна Гора, исто така, учествуваше на американскиот Трансатлантски самит за гасна безбедност во Вашингтон во февруари годинава, каде што потпиша заедничка изјава со која повеќе земји од централна и јужна Европа најавија соработка со САД во енергетиката.
Иако американските компании Енерфлекс и Ветингтон енерџи иновејшн уште во 2023 година потпишаа меморандум со Владата на Црна Гора за подготовка на проектот, не е договорено снабдување со течен природен гас, не се дефинирани количествата, ниту се потпишани други договори.
Подгорица во последните години го поддржуваше проектот Јонско-јадрански гасовод, кој би го поврзал Трансјадранскиот гасовод во Албанија со Хрватска, но тој сè уште е во идејна фаза.
Се разгледуваат низа гасни електрани со моќност од 50 до 400 мегавати во Бар, Подгорица и Пљевља, вклучително и хибридни модели и пренамена на постојните постројки.
„Сите разгледувани опции се технички изводливи и економски исплатливи“, според студиите што за Електростопанство на Црна Гора ги изработиле јапонската Џера и швајцарската Ес-ес-енд-еј пауер консалтанси.
Во зависност од капацитетот на постројките и изворот на снабдување со гас, инвестициите се проценуваат во распон од 233 до 362 милиони евра.
Косово во моментов надвор од плановите
Косово нема гасна инфраструктура и целосно се потпира на термоелектрани на јаглен.
Проектот за гасна интерконекција со Македонија беше вклучен во инвестицискиот план на Европската Унија за Западен Балкан, но беше запрен поради, како што наведоа од владата, високите трошоци и стратегискиот фокус на обновливи извори.
Гасоводот би му овозможил на Косово пристап до гас од грчките терминали за течен природен гас на Егејско Море, а идејата беше и изградба на гасовод кон Албанија.
„Ако и кога пазарните околности се променат и деловното опкружување стане попривлечно, Министерството за енергетика на САД ќе биде подготвено да помогне во поврзувањето на американските компании со партнери на Косово“, изјави за Радио Слободна Европа Џошуа Волц, специјален пратеник на американското Министерство за енергетика.
Косово одби да вложи околу 200 милиони долари американски пари во гасна инфраструктура преку програмата Милениум челинџ корпорејшн и ги пренасочи средствата во батериски системи за складирање.
Македонија клучна алка на јужниот коридор
Скопје во моментов гради нова гасна инфраструктура со поддршка од Вашингтон и Брисел, настојувајќи да ја прекине децениската зависност од рускиот гас и да се позиционира како нов регионален енергетски јазол.
Македонија е членка на НАТО и кандидатка за членство во Европската Унија, па диверзификацијата на снабдувањето стана и геополитичко прашање.
Клучната когенеративна електрана ТЕ-ТО Скопје, која го снабдува главниот град со топлинска енергија и произведува струја, зависи од рускиот гас и е под контрола на руската групација Синтез.
Скопје со американски снабдувачи потпиша меморандум за купување американски течен природен гас, но деталите не се јавно објавени.
Гасоводот Гевгелија-Неготино е во изградба и ќе ја поврзе оваа земја со грчките терминали за течен природен гас, со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, вели РСЕ.
Институциите на Европската Унија го финансираат проектот со комбинација од кредити и неповратни средства, додека паралелно се планира интерконекција со Србија, чии работи би требало да почнат во 2027 година.
„Македонија планира изградба на 67 нови енергетски објекти со вкупна инсталирана моќност од 4.416 мегавати, вклучително и една когенеративна постројка во близина на Неготино“, соопштија за Радио Слободна Европа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија.
Албански терминал за течен природен гас на Јадранот
Албанија во април 2026 година потпиша стратегиски договор вреден шест милијарди долари со американската компанија Вентјур глобал и грчката компанија Актор ЛНГ УСА, која купува течен природен гас од САД за долгорочна испорака од 2030 година.
Планот вклучува развој на енергетски центар во Валона со терминал за течен природен гас и гасна електрана со моќност од околу 380 мегавати, со поврзување на постојниот Трансјадрански гасовод, кој од 2020 година носи гас од Азербејџан до Италија.
Проектот е поддржан од американската администрација, која Албанија ја гледа како потенцијална влезна точка за дистрибуција на американски гас кон Косово, Македонија и други делови од Западен Балкан.
Албанија нема функционална внатрешна гасна мрежа, а постојната инфраструктура од социјалистичкиот период главно е неупотреблива.
За Албанија, која речиси целата електрична енергија ја произведува од хидроелектрани, изградбата на нова гасна електрана би била безбедносна резерва во периоди на суша и растечка потрошувачка.
„Решението за гасификација на Албанија е изградба на Јонско-јадранскиот гасовод и поврзување со терминалот за течен природен гас во Хрватска, приклучување на Трансјадранскиот гасовод преку кој пристигнува гас од каспискиот регион, како и изградба на терминал за течен природен гас и складиште за гас во Думре“, вели Ставри Дима од Европскиот универзитет во Тирана, кој 20 години работел во Институтот за истражување на нафта и гас во Фиер.
Терминалот за течен природен гас во пристаништето Влора би можел да биде гасен јазол за снабдување на Албанија, Црна Гора, Македонија и Косово, а преку Јонско-јадранскиот и Трансјадранскиот гасовод гасот би можел да оди и кон БиХ и Италија.
„Самата инфраструктура не гарантира енергетска безбедност“, изјави за Радио Слободна Европа Софи Корбо од Центарот за глобална енергетска политика во Париз, зборувајќи за плановите за изградба на нови терминали за течен природен гас, гасоводи и гасни термоелектрани.
Корбо нагласи дека земјите што сакаат да ја намалат зависноста од руски гас мора најпрво да обезбедат и сигурни долгорочни договори за снабдување со повеќе други добавувачи.






