понеделник, 18 мај 2026

Европратеници: Израел повторно го крши меѓународното право со нападот на флотилата за Газа

Европските парламентарци денес го осудија неодамнешниот израелски напад врз хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“ која пловеше кон Газа во меѓународни води.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Копретседателката на Левичарскиот клуб во Европскиот парламент Манон Обри го нарече пресретнувањето на флотилата нов чин на пиратство и отворено кршење на меѓународното право.

„Целосна поддршка за оние кои одбиваат да свртат глава пред геноцидот во Палестина и воените злосторства“, порача Обри на социјалната мрежа Икс.

И лидерот на француската левичарска партија Ла Франс инсоумиз (ЛФИ), Жан-Лук Меланшон изрази поддршка за луѓето во флотилата, за кои кажа дека се спротивставуваат на „најнеморалната војска во светот“ за да се спротивстават на она што го нарече „садистички геноцид“.

„Уште еднаш, со целосна неказнивост, воениот злосторник (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху го гази меѓународното право. Поддршка за другарите кои покажуваат солидарност со палестинскиот народ“, кажа пратеничката на ЛФИ во Европскиот парламент Ема Фурро.

Лидерката на пратеничката група на ЛФИ, Матилде Панот, го опиша израелскиот напад како нов „неподнослив чин на пиратство од страна на војската на Нетанјаху“.

„Никогаш нема да ги свртиме очите од геноцидот кој сè уште се случува во Газа. Се поклонуваме пред сите оние што се спротивставуваат и ја претставуваат честа на нашето заедничко човештво“, кажа Панот.

Италијанскиот пратеник во Европскиот парламент Данило Дела Вале кажа дека ситуацијата е „неподнослива“, додавајќи дека италијанскиот пратеник Дарио Каротенуто е меѓу притворените.

Тој кажа дека е испратено писмо со барање за „итни гаранции за безбедноста на активистите“ и ја повика италијанската влада да дејствува за да обезбеди ослободување на притворените италијански граѓани.

„Оние што носат хуманитарна помош не можат да се третираат како криминалци“, порача тој.

Португалската европратеничка Катарина Мартинс, исто така, го осуди инцидентот, наведувајќи дека Израел повторно киднапирал луѓе во меѓународни води, со отворено кршење на меѓународното и хуманитарното право.

Таа додаде дека двајца португалски лекари се исто така меѓу притворените и праша каков ќе биде одговорот на португалските власти.

Денес, израелската армија ја нападна и пресретна хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“, која пловеше кон Газа во меѓународни води, и приведе околу 100 активисти додека мисијата се обидуваше да ја пробие повеќегодишната блокада на палестинската енклава.

Флотилата, која се состои од повеќе од 50 бродови, исплови од Мармарис, Турција, во четвртокот, во нов обид да ја пробие израелската блокада на Газа, која трае од 2007 година.

Во мисијата учествуваа 426 лица од 40 земји, вклучувајќи ги Германија, Соединетите Американски Држави, Аргентина, Австралија, Бахреин, Бразил, Алжир, Индонезија, Мароко, Франција, Јужна Африка, Обединетото Кралство, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Египет, Пакистан, Тунис, Оман и Нов Зеланд.

Израелските сили ја нападнаа хуманитарната флотила и на 29 април покрај брегот на грчкиот остров Крит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ