понеделник, 18 мај 2026

Меѓаши: Се зголемува бројот на анксиозни деца, пријавувале вознемиреност, самоубиствени мисли…

Децата и младите не се во целост заштитени и има многу повеќе што да се направи и во однос на семејството и институциите во државата за што треба поголема будност, следење на состојбата на промените во однесувањето на децата и младите со цел рана детекција и превенција на насилството, покажува Годишниот извештај на СОС линијата за деца и млади „АлоБушавко“ за 2025 година, истакна денеска на прес-конференција Жарко Змијанац, в.д. оперативен директор на Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Операторката на линијата во 2025 година, Мила Дамјановска рече дека имале 284 дојави кои биле примени по различни канали на комуникација од кои 227 биле на телефон, 22 биле преку СМС пораки, 15 преку меил, а 3,5 отсто биле на вибер. За најголемиот број дојави односно 30 отсто (83 дојави) како главна причина била менталното здравје односно станувало збор за страв од вознемиреност, како и самоубиствени мисли и обиди за самоубиство кои беа најчести во категоријата и имаа по 19 случаи.

„Многу е загрижувачки што имавме дојави од 19 деца кои имале самоубиствени мисли или се обиделе да си го одземат својот живот. Ова е аларм за целото општество и укажува на потреба од навремена реакција, континуирана поддршка, поголемо внимание на психичката состојба на децата и младите. Кај вакви случаи треба да интервенираат училиштата, родителите и луѓето кои се најчесто се со децата и можат да ги препознаат тие симптоми кога не се однесува исто детето, и тоа може да биде губење интерес за секојдневните активности, изолирање, страв, тага или да изразуваат безнадежност. Ова се првите знаци кои треба да ги препознаат возрасните и да интервенираат и да им дадат простор за да си ги кажат проблемите и тоа што ги мачи“, рече Дамјановска.

Од вкупниот број дојави, 64 биле за семејните односи од кои 48 се однесуваат на односите со родителите и станувало збор за случаи во кои родителите имале конфликт со своите деца или родителите се во бракоразводна постапка, 57 биле за повреди, од кои 22 биле физичко насилство, девет биле за негрижа на родителите кон децата, а осум биле за булинг.  Од вкупниот број дојави, 39 бил за пристапност до образование, социо-економски потреби и какво било право кое на детето му е гарантирано, а не може да го добие, а 18 се за училишна средина кои се однесуваат на проблеми со материјалот во училиштето, односи со училишниот кадар или меѓуврснички односи…

„Имаше 172 дојави од Македонци, 19 од Албанци, 11 од Роми, а за 79 лица не ја кажале националноста. Имаше рамномерна застапеност меѓу момчиња и девојчиња. Момчињата имаат 108 (39 проценти), а девојчињата 102 (36 проценти) додека за 68 не бил познат полот, бидејќи тие пратиле пораки преку вибер. Меѓу тие кои се јавуваа на линијата најчесто беа на возраст од 10 до 12 години (38 деца), 13 до 15 години (33 дојави), и од седум до девет години (27 дојави). За машките од седум до 15 години најчесто се јавувале нивните родители, а девојчињата повеќе се јавуваа сами и тоа на возраст од 13 до 25 години. Имавме дојави од деца кои се од ранливи групи на кои им дадовме поддршка“, поочи Дамјановска.

Експертот за психосоцијална поддршка на деца, Јорданка Черепналкова Трајкоска рече дека 284 деца почувствувале дека не можат сами да се справат и дека најсилниот сигнал што се добива во извештајот е дека најчестата причина заради која се јавуваат е менталното здравје, кое според неа треба да биде системски приоритет. Таа појасни дека менталното здравје не треба да е грижа само на психолозите, туку и на секој човек.

„Осумдесет и три случаи, кои се јавиле заради оваа причина значи дека тоа е 30 отсто од вкупниот број дојави. Тоа значи дека секое трето дете што се јавило се бори со некоја внатрешна болка, со страв, анксиозност, вознемиреност, со нарушено расположени и опасни мисли насочени кон себе, со самоубиствени мисли како што покажува извештајот. Тоа покажува дека децата не се само под стрес, не се во некоја минлива криза, напротив се оптоварени, преплавени, тоа се сигнали на сериозна ранливост и голем дел од овие сигнали се поврзани со дигиталното насилство преку пораки. Тоа значи дека денешното дете не може да се исклучи од насилството, тоа живее во реалност во која насилството не престанува во училиште, не се ограничува на еден простор и често се случува пред публика. Токму затоа психолошкиот ефект е посилен“, истакна Черепналкова Трајкоска.

Таа рече дека кога детето е изложено на он лајн понижување не само што доживува напад, туку го губи чувството дека припаѓа некаде, не може каде да се смести, да најде безбеден простор, а тоа доведува до анксиозност, социјално повлекување, намалена самодоверба, а во некои случаи до самоубиствени мисли.

„Дигиталното насилство треба да се третира како и физичкото насилство. Образованието тука мислам дека имаме тргнато чекор понапред, мора да вклучува емоционална и дигитална писменост и најважно треба да создаваме возрасни кои слушаат со разбирање“, додаде Черепналкова Трајкоска.

Во врска со дојавите Првата детска амбасада „Меѓаши“ во рамки на тимот „Бушавко“ преземала активности, при што дадени се 152 препораки, 22 дојави се препратени кон други организации за правна поддршка и се насочени кон конректни прашања, за 28 дојави имале директни интервенции во кои се контактирани други институции, 19 дојави се упатени до надлежни органи за спроведување на законот, 16 дојави до институции за заштита на децата, 13 дојави до здравствени работници, шест дојави до советници во училиштата и во случаи е направена друга интервенција.

Активна е и европската СОС линија 116 111 која е наменета за потребите на децата и младите, а телефонскиот број 070 390 632 ќе биде наменет за следење случаи кои имаат континуирана поддршка и натамошно спроведување до институциите. Во рамките на проектот ќе се креира прирачник и фокус групи од чии наоди ќе продолжи кампања која ќе биде презентирана на социјалните мрежи и е наменета за децата, младите и родителите во насока на презентација на ризиците на интернет и превенција на насилството и други случаи и злоупотреби. Презентацијата на извештајот се одржа во рамки на проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, информираа од „Меѓаши“.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ