петок, 17 април 2026

САД до Емиратите, Хонгконг, Кина и Оман: „Ваши банки профитираат од незаконски активности на Иран“

Американското Министерство за финансии испрати писмо до Обединетите Арапски Емирати, Хонгконг, Кина и Оман, предупредувајќи ги за банките под нивна надлежност што, како што се наведува, овозможувале, помагале и профитирале од незаконски ирански активности.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од овие држави е побарано да преземат брзи мерки против наведените банки и да ги запрат таквите дејствија. Станува збор за најнов потег во низата активности на Министерството за финансии поврзани со Иран, а писмото го објави дипломатската дописничка Елизабет Хејџдорн. Во продолжение се пренесува содржината на писмото:

„Повеќе од 40 години светот се соочува со терор и дестабилизација поттикнати од иранскиот режим. Во тој период Соединетите Американски Држави ги предводеа глобалните напори за заштита на меѓународниот финансиски систем од ирански злоупотреби за спроведување на терористичките активности на Техеран. Претседателот Трамп успешно спроведе една од најголемите и најсложени воени операции во историјата со цел да ја заштити безбедноста на американскиот народ и да спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

И покрај сеопфатните санкции што САД ги воведоа кон Иран, режимот продолжува да го искористува меѓународниот финансиски систем преку параван-компании, паралелно банкарство, измамнички практики и попустливи регулаторни рамки. Во октомври 2025 година Мрежата за спречување финансиски криминал при Министерството за финансии на САД ги предупреди финансиските институции за сложените финансиски канали на Иран и ги повика на зголемена претпазливост.

Како што се наведува во извештајот, Иран во 2024 година обработил најмалку 9 милијарди долари преку кореспондентни сметки во САД, користејќи низа параван-компании, најмногу во Хонгконг и Обединетите Арапски Емирати, и продолжува со тоа.

Пишувам за да ве предупредам дека Министерството за финансии смета дека дел од тие трансакции, како и дополнителни трансакции по 2024 година, се обработени од банки под ваша надлежност преку нивните американски кореспондентни банки, во име на директни клиенти поврзани со Иран.

Министерството ве поттикнува да соработувате со банките во вашата јурисдикција за да ја идентификувате секоја финансиска активност поврзана со Иран, вклучително и преку параван-компании и други методи на заобиколување, и веднаш да ги прекинете таквите активности поради значителните ризици од незаконско финансирање што тие ги носат. Овие информации се споделени и со американските банки што обезбедуваат кореспондентни услуги за да можат да го засилат надзорот врз овие трансакции.

Соединетите Американски Држави располагаат со низа овластувања што може да се применат во случаи на финансиски активности поврзани со Иран. Тоа вклучува мерки за спроведување санкции што можат да опфатат лица од САД, секундарни санкции против странски финансиски институции за одредени активности поврзани со Иран, како и можност за барање засилена детална проверка и известување за сите трансакции од одреден обем што се обработуваат преку американскиот финансиски систем.

Освен тоа, со оглед на повторното воведување санкции од Обединетите нации против Иран и неговата практика да се крие зад навидум легитимни активности за спроведување незаконски дејствија, секоја активност со Иран може да доведе и до санкции од ОН.

Време е конечно да му се оневозможи на Иран да го поддржува тероризмот, да го загрозува регионот и глобалните пазари и да продолжи со нуклеарната и балистичката ракетна програма, која е забранета од Обединетите нации. Очекувам вашата брза реакција за да се идентификуваат и запрат сите незаконски активности поврзани со Иран и да се избегнат дополнителни мерки од Министерството за финансии.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ