вторник, 5 мај 2026

Ројтерс: САД спремни за визни санкции кон Кина поради прашањето со мигрантите

Кина го забавува враќањето на своите државјани што нелегално престојуваат во САД, рекол за Ројтерс висок претставник од администрацијата на Трамп, предупредувајќи дека Вашингтон е подготвен да ги заостри ограничувањата за патување кон земјата доколку Пекинг не го промени курсот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новата закана од САД кон Кина доаѓа само неколку дена пред планираната посета на претседателот Доналд Трамп на Пекинг на 14–15 мај, каде што, меѓу другото, се очекува да го отвори прашањето за депортациите на средбите со својот колега Си Џинпинг.

Патувањето е важно за Трамп, кој се надева дека ќе обезбеди трговски отстапки од Пекинг што ќе може да им ги претстави на гласачите пред ноемвриските меѓуизбори, за кои анкетите велат дека може да донесат загуби за неговата Републиканска партија.

Откако се врати во Белата куќа во почетокот на минатата година, Трамп се закануваше со царини и санкции кон многу земји поради тоа што не прифаќаат депортирани лица — клучен столб на неговата кампања и строгите имиграциски политики.

Кина со години се спротивставува на барањата на САД да ги преземе назад десетиците илјади свои граѓани што го пречекориле престојот или нелегално влегле во земјата.

Кога Трамп стапи на функцијата, Кина сигнализираше дека е подготвена да ги враќа „потврдените кинески државјани“ по проверката, но рече дека за тоа е потребно време.

По прифаќањето на околу 3.000 депортирани преку чартер и комерцијални летови во почетокот на 2025 година, Кина ја намали соработката во последните шест месеци, рекол американскиот претставник, кој зборувал под услов на анонимност.

Кина „одбива целосно да соработува со САД за враќање на нејзините граѓани“, рекол тој, нарекувајќи го тоа прекршување на меѓународните обврски и на одговорноста кон сопствениот народ.

Тој додал дека ако Кина не ја зголеми соработката, САД ќе разгледаат воведување повисоки парични гаранции за визи, одбивање повеќе визи и блокирање повеќе влезови на границата.

„Непостапувањето на кинеската влада ќе го загрози идното патување на кинеските граѓани што ги почитуваат законите“, рече претставникот.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговорила веднаш на барањето за коментар.

Претходно Пекинг изјави дека се спротивставува на нелегалната миграција и дека тоа е „меѓународно прашање што бара соработка меѓу државите“.

Десетици илјади чекаат депортација

Трамп спроведува строга имиграциска политика, вклучувајќи агресивна кампања за депортации, поништување визи и зелени карти и проверки на објавите на социјалните мрежи и претходни говори на мигранти.

За време на администрацијата на Бајден, бројот на кинеските државјани што нелегално ја минуваат јужната граница на САД порасна од занемарливи бројки на десетици илјади, додека кинеската економија се соочуваше со тешкотии, а визите за САД беа потешко достапни поради ограничувањата од ковид-периодот.

Сега има повеќе од 100.000 кинески државјани без документи во САД, рекол претставникот. Над 30.000 имаат конечни налози за депортација, а од нив повеќе од 1.500 се задржани и чекаат протерување. Повеќето од оваа група извршиле и други кривични дела, додаде тој.

Независните проценки варираат. Институтот за миграциска политика процени дека во средината на 2022 година околу 239.000 кинески имигранти престојувале без дозвола.

Другите земји со голем број нерегулирани мигранти во САД, вклучително и Индија, целосно соработуваат, рекол претставникот.

САД сакаат Пекинг да издава патни документи и да одобрува чартер-летови на Царината и граничната служба со депортирани лица, финансирани од САД.

Според член 243(д) од Законот за имиграција и државјанство, САД можат да воведат визи санкции кон земји што не соработуваат со барањата за враќање — ознака што Министерството за внатрешна безбедност редовно ја применува за Кина.

Американските власти уште од времето на Обама сметаат дека Кина намерно го одложува издавањето патни документи, бидејќи не сака да ги прифати назад или го користи тоа како средство за притисок врз Вашингтон.

Претставници на органите за спроведување на законот рекле за Ројтерс дека Кина понекогаш се обидува да ги поврзе американските барања за депортации со своите барања за екстрадиција на економски или политички бегалци што се наоѓаат во САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ