петок, 17 април 2026

Примирјето во Либан стапи во сила, Хезболах: „Ќе ги држиме прстите на чкрапецот“

Десетдневниот прекин на огнот, кој го најави американскиот претседател Доналд Трамп и за кој постигнаа договор Либан и Израел, денес стапи во сила.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Либанските медиуми известија дека израелското гранатирање на селата Хијам и Дибин продолжило половина час по примирјето, кое почнало на полноќ по локално време.

Израелската војска утрово соопшти дека ги испитува извештаите за гранатирање и артилериски оган во јужен Либан.

Според договорот за прекин на огнот, на Израел му е забрането да спроведува офанзивни воени акции во Либан, но како што наведува агенцијата Асошиетед прес, не е исклучена „самоодбрана од планирани, непосредни или тековни напади“.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изрази надеж дека прекинот на огнот ќе отвори пат за преговори за долгорочно решение на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, изјави портпаролот на ОН Стефан Дижарик.

Гутереш ја пофалил улогата на САД во постигнувањето на примирјето меѓу Израел и Либан.

Израел и Либан во вторникот во Вашингтон ги одржаа првите директни дипломатски разговори по неколку децении, по повеќе од еден месец војна меѓу Израел и екстремистичката проиранска група Хезболах, чие седиште е во Либан.

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази загриженост дека примирјето што го најавија Либан и Израел можеби веќе е нарушено со продолжувањето на воените операции, пренесува Гардијан.

„Повикувам на заштита на цивилното население од двете страни на границата меѓу Либан и Израел. Хезболах мора да се откаже од оружјето. Израел мора да го почитува суверенитетот на Либан и да ја запре војната“, порача Макрон во објава на мрежата Икс.

Извештаите на локалните медиуми укажуваат дека примирјето главно се почитува, иако либанската државна Национална новинска агенција јави дека израелски митралески оган бил отворен врз амбулантно возило поврзано со Хезболах, во сопственост на Исламската здравствена организација, во јужниот либански град Кунин.

Либанската војска исто така соопшти дека во Бејрут уапсила девет лица поради пукање во воздух во текот на изминатата ноќ, откако примирјето стапило во сила.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го поздрави примирјето во Либан, кое го припиша на „храбрите и мудри дипломатски напори што ги предводеше претседателот Доналд Трамп“.

Во објава на мрежата Икс, Шариф изрази надеж дека примирјето ќе отвори пат кон одржлив мир.

„Пакистан повторно ја потврдува својата цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан и ќе продолжи да ги поддржува сите напори насочени кон траен мир во регионот“, додаде тој.

Хезболах предупреди дека неговите борци ќе ги држат прстите на чкрапецот доколку Израел го прекрши примирјето во Либан.

„Овие муџахедини (борци) ќе ги држат рацете на чкрапецот, подготвени да одговорат на непријателската подлост и предавство“, наведе таа проиранска група во кратко соопштение што го пренесе телевизијата Ал-Манар, во сопственост на Хезболах.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ